Слабостите и потребата од реформи во системот за заштита и спасување, како што е нотирано, се констатирани уште пред осум години, со скринингот спроведен од Европската Унија (ЕУ), преку Европскиот механизам за цивилна заштита во 2018. Но, според извештајот, до денот на ревизијата, иако имало и биле преземени повеќе иницијативи, потребните реформи не се спроведени
„Во февруари 2026 година ДЗС доставила информација до Владата во која е укажано дека со постојниот начин на работа и просечно извршување на околу 1 300 надзори годишно, би биле потребни приближно 55 години за контрола на сите правни субјекти. За редовен и контролен инспекциски надзор еднаш годишно, согласно проценката на ДЗС, потребни би биле 322 инспектори, при 72 181 активни претпријатија“, се вели во извештајот на ДЗР
Македонија нема подготвен систем кој ефикасно може да одговори и да се справи со катастрофи. Ова го констатира новиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој е направена анализа на темата „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средства со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“.

Прашањето што треба, односно го одговара извештајот на Државниот ревизор, објавен денеска, е: дали системот за цивилна заштита во Република Северна Македонија е соодветен за ефикасен одговор и справување со катастрофи.
Ревизорот нотира слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволните човечки и материјални капацитети и ограничено инвестирање во модернизација и нова опрема за службите што го соочинуваат системот за цивилна заштита.
Според ревизијата, од нормативен аспект, односно закони кои ја уредуваат оваа проблематика во државата не недостасуваат. Тие се воспоставени. Но и покрај тоа, системот за заштита и спасување не функционира како интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност, навремен одговор и справување со катастрофи.
Слабостите и потребата од реформи во системот за заштита и спасување, како што е нотирано, се констатирани уште пред осум години, со скринингот спроведен од Европската Унија (ЕУ), преку Европскиот механизам за цивилна заштита во 2018. Но, според извештајот, до денот на ревизијата, иако имало и биле преземени повеќе иницијативи, потребните реформи не се спроведени.
Нема национална стратегија
Во таа насока, не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување како стратешки документ што би ги дефинирал целите и приоритетите на системот, а на последната стратегија важноста и била до 2018 година.
Во меѓувреме е изготвена нацрт-стратегија за периодот од 2026 до 2030 година, но таа не е усвоена, а не е донесена ниту Годишна програма за заштита и спасување за спроведување на стратегијата.
Дополнително, наведуваат од ДЗР, не е ажуриран и Планот заштита и спасување, а како што велат од институцијата, пред ревизорите не бил презентиран доказ дека Планот е усвоен од Владата.
Идентична е ситуацијата со документот за „Процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи на територијата на Републиката“. Донесен во 2007 година, документот не е ажуриран за да може да одговори на новите ризици и современите услови.
„Исто така не е донесена нова Методологија за содржината и начинот на проценување на опасностите и планирањето на заштитата и спасувањето“,
се вели во извештајот.
Во тој контекст, Ревизорот констатира дека отсуството на овие стратешки документи придонесува за недостаток на јасно дефинирани приоритети, насоки за развој и сценарија за дејствување, што влијае врз начинот на управување со ризици и катастрофи.
Според извештајот, оперативните сили во рамките на системот се соочуваат со недоволен број човечки ресурси, недостаток на опрема, а, според рeвизорот, не постојат ни механизми за следење на нивната ефикаснот.
Извештајот нотира и дека функционирањето на планинското спасување не е законски уредено како дел од оперативните сили во системот на заштита и спасување, иако праксата во одделени европски држави говори дека противпожарните единици, Црвениот крст и планинското спасување претставуваат клучни столбови на оперативниот систем за заштита и спасување.
Неекипирани и неопремени противпожарни служби
Што се однесува до противпожарните сили, Ревизорот ја анализира состојбата со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје. Таа, како што е наведено, е одговорна за заштита и спасување на 617 000 жители на површина од 1 818 квадратни километри и во 2024 година имал 1 412 интервенции на пожари и 161 техничка интервенција.

Сепак, и покрај овие овие показетели, скопската противпожарна бригада останува неекипирана и со застарена опрема.
„Од 384 систематизирани работни места за пожарникари, пополнети се само 172, а утврдена е и застарена противпожарна опрема што влијае врз оперативната подготвеност и ефикасноста на Бригадата која е најбројна како сили за заштита и спасување на локално, регионално и на републичко ниво“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Во однос на финансирањето, системот за заштита и спасување добива средства од буџетот на држвата и од буџетите на општините, односно Единиците на локалната самоуправа, но нема воспоставено модел тој да може да генерира и да биде одржлив преку сопствени приходи, како и модели за инвестициско планирање и поефикасно користење на средствата од донаторите и од меѓународните организации и партнерски држави.
Инаку, според извештајот, во периодот од 2022 до 2024 година за противпожарна заштита биле обезбедени вкупно 2,2 милијарди денари или околу 36,6 милиони евра, од кои околу 1,4 милијарди денари или околу 23 милиони евра биле наменски дотации од Буџетот на Републиката, додека и 782 898 000 денари (12,7 милиони евра) биле од буџетите на општините. Средствата од донации во овој период, пак, изнесувале околу 11 милиони денари или околу 180 илјади евра.
Од вкупните средства, најголемиот дел, односно 98,5 проценти биле за плати и надоместоци, а само 1,5 проценти билое потрошени на капитални расходи. Ова, како што нотира Државниот ревизоре го ограничува простор за модернизација, набавка на опрема и возила и зајакнување на оперативната подготвеност силите за цивилна заштита.
Инаку, според ДЗР, наменските дотации за Територијалните противпожарни едници (ТППЕ) од Буџетот во 2026 изнесуваат 1 милијарда денари, што е зголемување од 90,3 отсто во споредба со 2025 година, кога дотациите изнесувале 5,2 милиони денари.
„Недоволната опременост, недостигот на обучен кадар и не унифицираниот пристап во организацијата и финансирањето кај противпожарните единици влијаат на нивната реална оперативна подготвеност“,
заклучува Државниот ревизор.
Слабости во Дирекцијата за заштита и спасување
Ревизорот, како што е нотирано во извештајот, утврдил слабости и во управувањето со воздушните сили за справување со шумски пожари. Слабосите се констатирани во делот на човечките ресурси, логистиката и набавките.
Анализата на трошоците за воздухопловите покажува дека во периодот 2023–2025 година за сервисирање, набавка на резервни делови и осигурување на воздухопловите се потрошени вкупно околу 150 милиони денари. Притоа, во 2023 и 2024 година годишните трошоци изнесувале 59,5 и 59, 6 милиони денари, што е 7,4 отсто од проценетата вредност на воздухопловите во износ од 800 милиони денари, односно по 3,7 проценти за сервисирање и 3,7 проценти за осигурување.
Значајни слабости ревизијата утврдила во управувањето со материјалните средства во Дирекцијата за заштита и спасување. Имено, според извештајот, Дирекцијата располага со над 30 магацини по подрачни одделенија, за кои не е воспоставен интегриран систем за материјална и финансиска евиденција и има недостиг од магационери и соодветни контроли.

Ревизијата оценува дека системот за управување со кризи во земјава функционира претежно реактивно, преку постепено активирање на ресурсите од локално кон национално ниво, при што во услови на недоволни локални капацитети се прогласува кризна состојба и се ангажираат ресурсите на Армијата, Министерството за внатрешни работи и меѓународната помош.
Во 2024 и 2025 година, како што е наведено, повеќекратно се прогласувани кризни состојби поради пожари, што укажува на недоволни капацитети за ефикасно справување со катастрофи.
„Воедно, не е воспоставен систем за анализа, следење и оценка на ефективноста на делувањето на силите за заштита и спасување, а во Годишните извештаи за работењето на ДЗС не се обезбедуваат доволно информации за функционирањето на системот“,
се наведува во извештајот.
Инаку, како позитивен пример ревизијата ја издвојува Општина Охрид и Планинската спасителна служба на Црвениот крст Охрид, каде, како што наведуваат од ДЗР, е воспоставена функционална организација, координација и оперативна подготвеност, со обезбедено финансирање, човечки ресурси и обучени спасувачи согласно меѓународните стандарди.
Малку инспектори
Ограничени капацитети се констатирани и кај инспекцискиот надзор. Годишно се реализираат меѓу 1 168 и 1 369 надзори со само 14 до 17 инспектори.
„Во февруари 2026 година ДЗС доставила информација до Владата во која е укажано дека со постојниот начин на работа и просечно извршување на околу 1 300 надзори годишно, би биле потребни приближно 55 години за контрола на сите правни субјекти. За редовен и контролен инспекциски надзор еднаш годишно, согласно проценката на ДЗС, потребни би биле 322 инспектори, при 72 181 активни претпријатија“,
велат од ДЗР.

Во насока на надминување на утврдените слабости, ДЗР препорачува спроведување реформи за воспоставување интегриран и функционален систем за заштита и спасување, преку донесување на Национална стратегија, јасна нормативна рамка, стабилно финансирање, зајакнување на капацитетите и воспоставување ефикасен систем за мониторинг и надзор.
