Министерот, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, рече оти верува, па и дека е сигурен дека МОН ќе го даде максимумот за сè да биде навремено и следната учебна година да не почне со подготвителни материјали за предметите за кои веќе се одобрени учебници
Во пресрет на крајот на оваа учебна година, која изобилуваше со многубројни проблеми, особено во делот на учебниците, министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави оти очекува Министерството и другите надлежни институции следната да ја почнат поподготвени од сите претходни.

Министерот, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција, рече оти верува, па и дека е сигурен дека МОН ќе го даде максимумот за сè да биде навремено и следната учебна година да не почне со подготвителни материјали за предметите за кои веќе се одобрени учебници.
За оние предмети за кои сè уште нема пријавено автори на јавните повици, како што е учебникот по Македонски јазик за трето одделение, Шаќири кажа дека ако е потребно решение ќе бара и со подготвителни материјали, пренесува МИА.
„Може да имаме проблеми, но не верувам за сите предмети, зашто веќе имаме ракописи. Може да се за еден, два или три предмети, но не можам да предвидам и верувам дека и за нив не треба да има проблеми… Оваа година беше година на предизвици во две фази, и на одобрување на учебниците и на нивно печатење. Не ме радува фактот што учебникот (по Македонски јазик за петто одделение) стигна на крајот на учебната година, но ме радува тоа што тој ќе биде достапен за учениците во наредната учебна година“,
рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање по средбата со претставници на СОНК и на Американската федерација на наставници.
Во врска со овој учебник, тој појасни дека конкретниот учебник доцнел зашто на три повици немало пријавени автори, а на четвртиот (во август во 2022 година) се пријавил авторски тим со предложен ракопис. Но, тој потоа двапати бил вратен на корекција од страна на Бирото за развој на образованието (БРО) заради усогласување на содржината со новата наставна програма за тој предмет за петто одделение.
„Националниот совет за учебници има одобрено учебници за сите предмети во основното образование, освен за тие што последни дојдоа, што се малку на број, за еден или два предмета… Сите учебници за прво, второ, четврто и петто се одобрени и веќе имаме започната постапка, која треба да заврши наскоро. Не можам да предвидам какви ќе бидат наредните постапки, но се ако се заврши според пропишаните временски рокови сите учебници ќе се достават навремено“,
рече Шаќири.
За учебниците за трето и за шесто одделение, за кои според етапната примена на Концепцијата за основно образование новите наставни програми на Бирото за развој на образованието ќе се воведуваат од наредната учебна година, министерот рече дека до МОН веќе има доставени ракописи од автори. Сепак, и покрај неколкуте повици за учебникот по Македонски јазик за трето одделение не се пријавиле автори и за него, како што рече Шаќири, ќе се бара најитно решение за да го има и него на почетокот на следната учебна година.„
„Истото се случува и за шесто одделение каде што има нови програми…. Во овој период во МОН секој го дава максимумот за се да биде навремено“,
рече Шаќири.
Како позитивен факт министерот го издвои тоа што по неколку години биле испечатени 26 наслови и доставени во стручното образование.
„Можеби повеќе од шест-седум, па и 10 години или откога е реформирано средното стручно образование немаме доставено учебници. Првпат оваа година се доставени учебници кои ќе се употребуваат и за наредната учебна година“,
рече Шаќири додавајќи дека по подолг период учебници ќе бидат доставени и за општо гимназиско образование.
Во врска со грешките во учебниците, министерот рече дека очекува поголема внимателност од сите што се вклучени во процесот на одобрување и рецензирање, од Бирото за развој на образованието и од Националниот совет за учебници. Тој посочи дека постојниот закон не предвидува казни за авторите или за рецензентите кои дозволуваат да се одобрува учебник кој има и содржински или технички грешки, но смета дека на таквите автори не треба да им се дозволи повторно да конкурираат со ракописи на наредни огласи.
Вчера заврши повикот за пријавување автори за изработка на нов учебник по Историја и општество за петто одделение откако МОН донесе одлука да се повлече претходниот поради грешки и нелогичности во содржината. Шаќири рече дека се уште нема информација дали на повикот се пријавиле автори за нов учебник.