Од МВР не одговорија на прашањата на „360 степени“. Потврда за барањата на Чулев и за пет веќе реализирани трансфери стигна од Агенцијата за разузнавање
Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, почнал процедура за преземање на Синиша Алексовски, контроверзниот екс советник на претседателот Ѓорге Иванов, од Агенцијата за разузнавање (АР) во МВР. Трансферот засега не е реализиран зашто заглавил во правните процедури предвидени за преодната влада.

Барањето за Алексовски е дел од втор бран преземања од Агенцијата за разузнавање што ги иницира министерот Чулев откако веќе завршил трансферот на петмина вработени од АР во МВР. Во втората тура, Чулев, кој инаку беше директор на АР именуван од Ѓорге Иванов, покрај на Алексовски, бара преземање на уште тројца вработени од Агенцијата за разузнавање.
Молк од МВР, потврда од АР
„360 степени“ уште во четвртокот се обрати со прашања до МВР на оваа тема, но до овој момент не добивме одговори. Прашавме:
-Дали е точно дека по доаѓањето на функцијата, министерот Наќе Чулев презел 5-мина вработени од Агенцијата за разузнавање и ги распоредил на позиции во МВР? Може ли да ни кажете кои се тие лица и на кои работни места се распоредени во МВР?
-Дали е точно дека министерот Чулев бара преземање на уште четворица вработени од Агенцијата за разузнавање и дека меѓу нив е и лицето Синиша Алексовски?

Слични прашања упативме и до Агенцијата за разузнавање, од каде го добивме следниот одговор:
„Потврдуваме дека по именувањето на Наќе Чулев за технички министер за внатрешни работи, од АР во МВР се преземени пет вработени кои сега се дел од кабинетот на министерот како негови најблиски соработници. На министерот, работното место во АР му е во мирување. Дополнително, од МВР до АР побарани се уште четворица вработени, но поради непотполната документација испратена од МВР, истата е вратена на доработка. Очекуваме да биде пратена во АР со што и овие вработени би преминале во МВР“,
велат од Агенцијата за разузнавање.
Нема потврда дека причина за застојот во преземањето на уште четворица вработени од АР во МВР е одбивањето на дополнителната заменик-министерка, Славјанка Петровска, да се согласи со трансферот.
Кои се досега преземените вработени
Од позициите на кои се поставени досега преземените вработени од АР, може да се заклучи дека Чулев и во МВР сакал да се потпре на своите најблиски соработници од Агенцијата:
-Марјан Христов, е именуван за шеф на кабинетот на Чулев во МВР;
-Мухамед Исмаиљи, за државен советник во кабинетот;
-Здравко Стојков, за помошник-министер за ИТ;
-Виктор Ѓорѓиевски, обезбедување;
-Андријана Сапунџиева-Кокарева, лична асистентка на Чулев.
Кој е Синиша Алексовски
Името на Синиша Алексовски беше споменато од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во контекст на крвавите настави во Собранието на 27 април 2017 година. Живаљевиќ изјави дека бил присутен во парламентот на 27 април со дозвола од кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот, Синиша Алексовски.

Кабинетот на Иванов реагираше на изјавата на Живаљевиќ и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Како што рекоа од кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до посочениот советник Синиша Алексовски дека бил во Собранието, но „со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување“.
Еден ден по случувањата во Собранието на 27 април 2017 г., Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, дека се организатори на обид за негово убиство.
Алексовски беше споменат и во судењето за „27 април“ од обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, кои во своја одбрана пред судот кажаа дека им било пренесено дека Синиша Алексоски, советник за национална безбедност на Иванов, кажал дека ноќта на 27 април, во 22 часот, ќе биде прогласена воена состојба.
„Стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но, во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече во своето сведочење во понеделникот Михаил Младеновски.
По исказот на браќата Младеновски, Алексоски, преку соопштение од кабинетот на Иванов, кажа дека сведочењата се конструкции на лаги, непостоечки комуникации, рекла-казала муабети и дека доколку обвинетите знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба не би биле предмет на манипулација.