Комисија која била формирана од Министерството за култура констатирала повеќе неправилности во работата на Иванова. Со реакција денеска се јави Иванова и обвини дека била разрешена поради непослушност, а не поради неправилности во работењето
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера ја разреши Тина Иванова од функцијата директор на Националната филхармонија, а за вршител на должност на оваа функција го назначи Даниел Лазаревски. Како што информираа од Министерството за култура, Комисија која била формирана од министерството констатирала повеќе неправилности во работата на Иванова, а разрешени се и членовите на Управниот одбор во Националната филхармонија, бидејќи не дејствувале навреме и не укажале за неправилностите во работењето на Иванова.
„По извештајот од извршениот увид на Комисија од Министерството за култура, на 6 септември 2023 г., во документацијата на НУ Национална филхармонија и констатираните бројни законски повреди и неусогласености во работењето, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донесе одлука за разрешување на директорката Тина Иванова. Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор. За в. д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата“,
се наведува во соопштението на Министерството за култура.
Со реакција денеска се јави Иванова и обвини дека била разрешена поради непослушност, а не поради неправилности во работењето.
„Потсетувам, единствената причина за разрешувањето е фактот што како директорка, на грешната и неодржлива одлука на министерката, застанав на страната на колективот и на страната на институцијата. Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет сè до вчера ги испраќаше во филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да ѝ го испорачаат од неа бараниот материјал и истите не утврдија никакви неправилности во моето и работењето на институцијата“,
вели Иванова во писмената реакција до јавноста.
Таа посочува дека изминатиот период во институцијата со која раководела имало трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група административни службеници вработени во Министерството за култура, кои станале редовни посетители во Филхармонија.
„Се праќаа дури и по неколку пати за да ‘копаат’ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и сè уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност. Патем, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста. Со ова разрешување и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само ми потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег“,
вели Иванова.
Исто така, потенцира дека сè уште цврсто стои на својот тогашен став и ја потврдува својата поддршка кон оркестарот, колективот, целата институција од каде што всушност, вели таа, на јавен конкурс, била и избрана на одговорната работна позиција директор.
„На новото раководство на Филхармонијата на чело со новоназначениот директор им посакувам успешна сезона, на вработените благодарност за четиригодишната кооперативност и посветеност, на Национален оркестар натамошна афирмација, на директорите на другите културни институции им праќам силна поддршка да истраат во оваа борба со ветерници, затоа што, како што во многу наврати сме дискутирале, ваков пандан на декултурализација на нашата национална култура немало никогаш во поновата историја на Македонија“,
стои во реакцијата на сега веќе поранешната директорка на Националната филхармонија.
Од Министерството за култура информациите кои Иванова ги наведе во реакцијата, ги оценија како „целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити“.
„Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и како врвна национална установа, мора да биде водена професионално“,
потенцираа оттаму.
Вработените во Македонска филхармонија летово протестираа против владината одлука новоформираниот „Џез-оркестар“ просторно да биде сместен во објектот на оваа институција.
Министерката за култура на прес-конференција во јуни соопшти дека Министерството за култура нашло простор за новоформираната Национална установа „Џез-оркестар“, под Националната опера и балет.
„Оваа установа просториите најверојатно ќе почне да ги користи кон крајот на годината, затоа што дотогаш тој простор ќе се реновира“,
соопшти тогаш министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа ги повика директорката и управниот одбор на Филхармонија да се извинат на јавноста и на публиката.
„Невистините, манипулациите и заканите продолжија и откако на владина седница ја дополнивме одлуката, допрецизирајќи и нагласувајќи дека ‘Џез-оркестар’ времено, до своето законско оформување, ќе биде во дел од просториите на Филхармонија“,
рече министерката за култура.