Во анализата, која се однесува на периодот од 1 февруари до 1 април, кај основните прехранбени производи е забележан раст на цените од 0,45 проценти, а најголемо поскапување има кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото. Кај овошјето и зеленчукот, според анализата на Министерството за економија и труд, има намалување на цените од 0,86 отсто, а покачени цени се нотирани кај доматите и кромидот
Минимално поскапување на основните прехранбени производи нотира Министерството за економија и труд во анализата на движењето на цените во периодот од 1 февруари до 1 април годинава. Во анализата, која е изработена во соработка со Државниот пазарен инспекторат, се опфатени цените на 55 најпродавани производи.

„Резултатите покажуваат дека во анализираниот период е регистриран минимален пораст на продажните цени од 0,43 отсто, додека набавните цени бележат нешто повисок раст од 1,01 отсто. Истовремено, просечната бруто профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,80 отсто, што укажува дека дел од притисокот од растот на набавните цени е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните“,
наведуваат од Министерството за економија и труд.
Анализирано по категории, кај основните прехранбени производи е забележан раст на цените од 0,45 проценти, а најголемо поскапување има кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото. Кај овошјето и зеленчукот, според анализата на Министерството за економија и труд, има намалување на цените од 0,86 отсто, а покачени цени се нотирани кај доматите и кромидот. Кај безалкохолните пијалоци е евидентиран пад на цените од 1,01 проценти, а кај основните хигиенски производи е забележан ценовен пораст од 1,42 отсто.
Од ресорното министерство наведуваат дека цените во анализираниот период се умерени и под контрола, а доколку е потребно, ќе бидат донесени мерки за нивна стабилизација.
