Ковачевски денеска ги повика Антонијо Милошоски и неговата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот за рестриктивни мерки и да го пуштат во собраниска процедура, а доколку тоа не планираат да го направат, Ковачевски вели дека треба да кажат од кои причини не сакаат тој закон да биде донесен во Собранието
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, смета дека одлуката за проширувањето на „црната лист“ со нови имиња е одлука што ја носат американските институции, а која е врз основа на информации со кои тие располагаат.
Ставањето на „црната листа“ на поранешната обвинителка Катица Јанева и на актуелниот градоначалник на Општина Карпош и кандидат за шеф на државата Стевчо Јакимовски, според Ковачевски, е причина за што побрзо законот за рестриктивни мерки да биде ставен во собраниска процедура.
„Со оглед на тоа дека САД се наш стратешки партнер, исто како и Европската Унија и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки кој е поднесен до Собранието и, како што наведовме и во соопштението од СДСМ, го повикуваме пратеникот Антонијо Милошоски и неговата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира тој закон да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини не сакаат тој закон да биде донесен во Собранието“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарски прашања по панел дискусијата на тема „Инвестиции во спортот за нови спортски успеси“.
Истиот став со Ковачевски денеска на прес-конференција во партиската зграда го сподели и пратеничката Снежана Калеска-Ванчева. Таа рече дека законот во Собранието е доставен на 6 февруари и оти месец и половина Антонијо Милошоски го одолговлекува и не го става на разгледување пред матичната комисија за надворешни работи.
„Ако ДПМНЕ се за борба против корупцијата, ќе го поддржат законот. Ако сакаат да продолжат со лажни ветувања, ќе даваат 1 000 изговори и нема да го поддржат“,
рече Калеска-Ванчева.
Американскиот Стејт департмент вчера стави повеќе функционери од Западен Балкан на „црната листа“, меѓу кои и Јанева и Јакимовски. Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.
Од СДСМ веднаш потоа излегоа со соопштение во кое рекоа дека последната одлуката на САД е уште една потврда зошто итно е потребно да се донесе законот за рестриктивните мерки во македонското Собрание.
Реакција за ставањето на „црната листа“ на поранешната обвинителка Катица Јанева и Стевчо Јакимовски од ГРОМ вчера имаше и од ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека тоа покажува оти корупцијата цвета во Македонија. Според партијата, додавањето на новите имиња е „удар за СДС“ бидејќи оттаму сметаат дека и двете лица се поврзани со нивниот политички конкурент.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе амбасадата вели дека САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта, или заедница, коишто се вмешани во значителна корупција.
Кандидатот за шеф на државата од ГРОМ, Стевчо Јакимовски најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител откако вчера се најде на „црната листа“ на САД. Тој рече дека е изненаден од одлуката на САД и најави дека нема да се откаже од изборната трка.
Според Јакимовски, ова може да се сфати како акт на насилство и како директно мешање во изборниот процес, што, како што рече, е казниво и кривично дело.
Од Државната изборна комисија (ДИК), кандидатот за шеф на државата Стевчо Јакимовски се најде на „црната листа“ на САД, цитирајќи член од Уставот рекоа дека тој предвидува дека кандидатот за претседател треба да ги исполнува условите да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години. Други услови, според ДИК, не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот.