Кај мал дел од оние 10-15% за кои не било можно да се докаже дека имале грип, во Институтот за јавно здравје направиле „многу лимитирано испитување за тоа дали некои од тие биле позитивни на причинителот на ковид-19“, но не го изолирале новиот коронавирус
Институтот за јавно здравје веќе направил првична проверка на брисеви од луѓе кај кои оваа сезона (2019/2020 г.) било регистрирано заболување слично на грип, но притоа не е детектирано присуство на новиот коронавирус. Ова денеска го соопшти епидемиологот Владимир Микиќ на едукативната видео-сесија за ковид-19, одговарајќи на прашање за ретроградната анализа која треба да покаже дали коронавирусот бил присутен во земјава многу пред првиот регистриран случај на 26 февруари оваа година.
Повод за ваквата анализа е значајно зголемиот број на регистрирани случаи на грип и заболувања слични на грип во сезоната 2019/2020 година (околу 37 000 случаи) во споредба со 2018/2019 година (околу 21 000 случаи), како и во однос на просекот од претходната декада (околу 25 000 случаи).
„Кога зборуваме дека ќе направиме ретроградно истражување зборуваме за оние 10-15 отсто (околу 4 000 случаи) кои што не можевме да ги докажеме дека биле грип. Бидејќи имавме нагло зголемување со повеќе од 37 000 регистрирани случаи, најверојатно некои од тие 15-20 проценти се должат на некои други причинители. Направивме многу лимитирани испитување во однос на тоа дали некои од тие биле позитивни на причинителот на ковид-19, но не најдовме“,
изјави денеска Микиќ.
Сепак, тој рече дека не би брзал со конечни заклучоци затоа што за такво нешто е потребно сеопфатно истражување за кое сега нема простор да се направи, зашто капацитетите се концентрирани на актуелното справување со ковид-19.
*поврзана вест:
Караџовски: Кога се ќе заврши, ќе испитаме кога точно се појавил ковид-19 во Македонија