Институциите ќе истражат дали коронавирусот се појавил во Македонија многу порано од првиот детектиран случај, изјави епидемиологот од Институтот за јавно здравје Жарко Караџовски во денешната видео-сесија во Владата посветена на прашања за ковид-19.
Посочувајќи го наглото зголемување на бројот на заболени од грип, Караџовски вели дека симптомите меѓу ковид-19 и грипот се многу слични, како и нивниот клинички почеток. Детална анализа за тоа дали можеби некои од лицата со грип имале ковид-19, вели ќе се прави откако епидемијата ќе стивне.
„Кога ќе заврши се, во посреќни времиња, ќе направиме истражување во кое што ќе кажеме точно дали некој од овие случаи регистриран како заболени од грип во сезона 2019/2020 можеби имале ковид 19. Ќе ги повториме примероците кои ни се зачувани во лабараторија и ќе видиме дали меѓу нив имало некој со коронавирус“,
изјави Караџовски.
Коментирајќи ја мистериозната смрт на мајката и синот од Велес кај кои посмртно беше детектиран вирусот, д-р Владимир Микиќ изјави дека случајот е контраверзен и се испитува. Изјави дека се уште се утврдува времето на смртта и не може да се шпекулира ниту да се носат заклучоци.
На прашањето како е можно вирусот да остане толку долгокај починато лице, Микиќ вели дека со тестовите детектираат генетски материјал и не мора да значи дека постои жив вирус.
Министерот за здравство Венко Филипче порача дека податоците за смртта на мајката и синот ќе бидат многу важни за идната анализа и скринингот на серолошкиот статус на населението, кој вели ќе почне откако ќе запре ширењето на вирусот.
„Верувам дека на почетокот или средината на мај ќе го вратиме животот во функција. После тоа, ќе правиме детекција на антителата“,
порача Филипче.