За случајот со велешанката кај која посмртно беше утврден коронавирус, а се претпоставува дека е почината подолго време, здравствените власти ќе ја известат и Светската здравствена организација.
Стануза збор за мајката и синот од Велес кои беа пронајдени мртви во својот дом во Велес. Соседите пријавиле дека од станот се шири непријатна миризба и повикале полиција, која ги пронашла мртвите тела.
Како што информираат од Министерство за здравство, истрагата се проширува и ќе се вклучат повеќе институции.
„Денес во Институтот за јавно здравје се прави уште една анализа на материјалот кој е земен од трахеата за да се потврди позитивниот резултат на коронавирус. Што се однесува до останатите првични информации за случајот, засега се знае само дека жената била сигурно почината повеќе од една недела“,
велат од министерството.
Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната недела, треба да откријат во кој период таа починала.
Од министерството велат дека, информациите кои вчера се пренесоа во медиумите дека лицата биле починати повеќе од еден месец, не се точни и се чекаат конечните анализи.
„Во истрагата на овој случај се вклучуваат експерти од судска медицина, МАНУ и тимот на епидемилозите од Институтот за јавно здравје. За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација која доколку има потреба ќе се вклучи со поддршка“,
велат од министерството за здравство.
На вчерашната прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче, беше запрашан дали во земјава имало ковид-19 уште околу новогодишните празници со оглед на тоа што медиуми објавија дека обдукцијата на мајката покажала дека починала на почетокот на јануари.
Министерот одговори дека коронавирус е пронајден, но многу тешко да се каже точната причина за смртта.
„Во однос на починатите од Велес, најден е вирусот во примерок од нивното дишно стебло. Многу тешко е да се каже што е точната причина за смртта. Но, во насока на значајно поголемиот број на пациенти со грип во оваа сезона (37 илјади годинава, наспротив 20 илјади во просек од минатите години), не е исклучена можноста вирусот да бил присутен во нашата земја порано. Посебно имајќи предвид што се повеќе излегуваат публикации дека има асимптоматски носители на коронавирусот“.
рече вчера министерот.
Полицијата на 6 април ги пронајде двете тела на мајката и синот во стан на улица „Ѓорѓи Војтех“ во близина на градинката кај „Жаба зграда“ во Велес.
„Полицијата ги повикала пожарникарите од ТППЕ Велес да влезат во станот. Екипа на СВР Велес влегла, а смрт кај две лица констатирала медицинска екипа на Брза помош која била повикана од полицијата“,
информираше тогаш портпаролот на ЈЗУ Здравствен дом, д-р Стархил Тодоров.
Нивна екипа констатира смрт кај двете лица, а понатамошната постапка е во надлежнот на полицијата и ОЈО Велес.
Соседите алармирале бидејќи неколку месеци тие не ги виделе мајката и синот да излегуваат надвор. Тие велат дека мајката (89-годишна жена) била слепа, а нејзиниот 53-годишен син имал психички проблеми, но не правел проблеми. Посочуваат дека иако имале материјални примања како ранлива категорија не биле соодветно згрижени, а немале роднини во градот.