„Проширувањето е исто така стратешки интерес на ЕУ и Белгија се надева дека ќе се постигне напредок во таа област за време на нашето претседателство. Се надеваме дека ќе имаме меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија“, рече амбасадорот на Кралството Белгија за Република Северна Македонија, Фредерик Мерис
Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека конструктивниот и инклузивен дијалог помеѓу сите политички партии во однос на клучните реформи е од суштинска важност за успех, а како важен предуслов за одење напред, меѓу другото ги спомена и уставните измени, како и носењето на измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и изборот на седмиот член на ДИК

Одбрана на владеењето на правото, демократијата и единството се принципите во сржта на она што значи Европа и ги прави врeдностите на ЕУ. Веруваме дека се тоа сè уште причините поради кои земји како Северна Македонија сакаат да ѝ пристапат на ЕУ. Низ различни области овој концепт на демократијата на владеење на правото ќе се применува, а ќе се применува и во политиката на проширување, истакна амбасадорот на Кралството Белгија за Република Северна Македонија, Фредерик Мерис, додека ги презентираше Програмата и приоритетите за работата на белгиското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари–јуни 2024 година.
Мерис, на заедничка седница на собраниската Комисија за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, подвлекувајќи го актуелниот контекст во кој се одвива нивното претседавање, како војната во Украина, драматичната ситуација во Газа, енергетската криза, климатските промени, тој наведе дека Белгија како приоритети има шест главни теми. Покрај одбраната на владеењето на правото, демократијата и единството, се и конкуретноста на економијата, спроведување на социјалната и здравствената агенда за покохерентен систем во рамките на Унијата, агенда за пристап кон пазарот на трудот, борба против организираниот криминал и заштитата на границите и глобална Европа.
„Проширувањето е исто така стратешки интерес на ЕУ и Белгија се надева дека ќе се постигне напредок во таа област за време на нашето претседателство. Се надеваме дека ќе имаме меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија. Имавме веќе таква седница со Црна Гора пред неколку седмици, и се надеваме да воспоставиме преговарачка рамка со Молдавија и со Украина. Ќе работиме исто така и на она што би можеле да го сработиме во дијалогот на Косово и Србија и потоа го имаме прашањето за новиот План за раст на Западен Балкан, но мора малку да ги приспособиме некои од оперативните насоки за тој план да функционира“,
додаде белгискиот амбасадор.
Белгија е чесен актер и знае да постигнува компромиси, но Мерис нагласи оти тие се и многу јасни во однос на она што сакаат да го постигнат.
„Она што сакаме да го видиме е Европа заснована на демократија и владеење на правото, но за да се постигне тоа сите треба да преземеме одговорност“,
порача Мерис.
Мотото под кое ќе се одвива шестмесечното претседавање е „заштити, зајакни и подготви“.
Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека основа на евроинегративниот процес се реформите, а напредокот е потребен и може да се постигне во времето што преостанува за работа на овој законодавен дом, подвлекувајќи ги притоа владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на јавната администрација и почитувањето на човековите права.
Тој нагласи дека конструктивниот и инклузивен дијалог помеѓу сите политички партии во однос на клучните реформи е од суштинска важност за успех, а како важен предуслов за одење напред, меѓу другото ги спомена и уставните измени, како и носењето на измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и изборот на седмиот член на ДИК.
„На крајот од мандатот на овој состав на Парламентот можеби можевме да направиме повеќе, можеби имаше одредени фрустрации, но имаше и солидни постигнувања. Се надевам дека многу бргу ќе продолжиме со нашата блиска соработка, откако народот ќе го каже својот глас“,
порача Гир.
Пртетседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбр Адеми истакна дека за Северна Македонија е важно да се постават конкретни инструменти за борба против корупцијата и да не им се дозволи на луѓето вмешани во корупција да ги поставуваат правилата за игра.
Тој притоа потсети дека ДУИ предложи закон за ветинг кој ќе опфати политичари, судии, обвинители, како и полицијата и ги повика политичките партии на консензус за што поскоро законот да влезе во собраниска процедура.
Пратеничката Гордана Силјановска меѓу другото истакна дека во избори и изборна година тешко се остваруваат реформи и затоа треба да се биде реален во очекувањата. Таа притоа праша дали во оваа изборна 2024 година ќе се задржи ентузијазмот за проширување во Брисел поради растот на популистичките и недемократските тенденции во ЕУ-земјите, и за ентузијазмот за евроинтеграцијата кај нас, кој зависи од европскиот ентузијазам.
Пратеничката од СДСМ, Калевска Ванчева посочи дека е многу добро што во иднина Собранието ќе биде посебно оценувано во нашиот евроинтегративен процес, како институција во која се гарантираат сите демократски процеси.