Апелацискиот суд Скопје, со кој сега како претседател ќе раководи Дика Георгиевска, освен што се соочува со недостаток на кадар, изминатиот период беше во фокусот на јавноста поради одлуки со кои беа укинати неколку случаи од висок профил и вратени на повторно судење во прв степен, а дел од нив ги дочекаа контроверзните измени на Кривичниот законик поради кои некои од нив застареа, а други ги очекува истата судбина. Инаку, името на Мери Дика Георгиевска беше актуелно во јавноста како кума на осудениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски познат како Боки 13. Таа се појави и како сведок во судскиот процес за овој случај
Судијката Снежана Манев, старо-новата претседателка на кумановскиот Основен суд, летово беше во фокусот на јавна преписка меѓу Судскиот совет и министерот за правда Кренар Лога, која тој ја иницира реагирајќи на тоа што на судијката ѝ била дадена можност по вторпат да полага психолошки тест. Министерот за правда влезе во отворен конфликт со судијката, а неодмна во интервју за ТВ 21, рече дека е во „отворена војна“ со претседателката на Основниот суд Куманово и со Судскиот совет
Изјавувам и се колнам дека функцијата претседател на Основниот суд Куманово и на Апелацискиот суд Скопје ќе ја вршам законито, чесно, совесно независно и одговорно. Ќе ги почитувам Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори, ратификувани во согласност со Уставот на РСМ и деке ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Ова беа свечените изјави што судијките Снежана Манев и Мери Дика Георгиевска денеска ги изговорија и потпишаа во Судскиот совет, откако на 30 октомври, беа избрани за претседателки на кумановскиот Основен суд, односно на Апелацискиот суд Скопје.
И новата претседателка на Основниот суд Куманово и новиот шеф на скопска Апелација Дика Георгиевска и досега ги извршуваа овие функции, но како вршители на должност.
По свеченоста на потпишување на изјавите, претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, посакувајќи им среќа, успех и евидентни резултати, рече дека на функциите стапуваат во многу динамичен период, кога има многу критики за работата на судството.
„Морам да истакнам пред Советот, дека се нафаќате да бидете претседатели на судови во многу динамичен период, со многу критички осврти за нашата работа како судство, а јас очекувам од вас како искусни, веќе претходно сте работеле како претседатели, колешката има богато искуство и од Советот (Мери Дика Герогиевска н.з.) и очекувам дека токму вие ќе придонесете во голема мера да се врати довербата, да покажеме на јавноста дека не сме такви како што не претставуваат од надворешни страни, туку резултатите и работата да биде олицетворение на една правилна вистина за судството. Очекувам многу од вас“,
рече Георгиев.
Во краток разговор по свеченоста, тој ги повтори неговите и очекувањата на Судскиот совет, додавајќи дека судовите се соочуваат со низа проблеми.
„Знам дека имаме реални проблеми, знам дека имате недостаток на судии, добар дел од колегите заминаа во пензија, од друга страна следи период кога и други колеги согласно закон ќе остварат право на пензија и дека имате прилив на предмети, но вие сте доволно искусни. Со самото тоа што сте аплицирале, а ние сме ве избрале, очекуваме и верувам дека ќе се носите со таа динамика и успешно ќе се справите со сите тие предизвици“,
рече претседателот на Судскиот совет.

Судијките освен свечените пред Судскиот совет, денеска не дадоа изјави за медиумите.
Судијката Мери Дика Герогиевска досега ја извршуваше функцијата в.д. претседател на Апелацискиот суд Скопје, а на 30 октомври, без конкуренција, ја доби едногласната поддршка на Советот за полн четиригодишен претседателски мандат. Апелацискиот суд Скопје со кој ќе раководи, освен што се соочува со недостаток на кадар, изминатиот период беше во фокусот на јавноста поради одлуки со кои беа укинати неколку случаи од висок профил и вратени на повторно судење во прв степен. Дел од случаите ги дочекаа и контроверзните измени на Кривичниот законик поради што застареа илис е очекува да застарат, поради намалените казни, воведемната горна граница и бришењето на дел од ставовите во членот 353 кој се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Таа, според нејзината биографија објавена на официјалната веб-страница на Апелацискиот суд, дипломирала на Правниот факултет во 1985 година. До 1996 година работела во адвокат, кога е избрана за судија во Основниот суд Скопје II Скопје, каде работела на стопанска материја. Во скопска двојка е до 2005 година кога е избрана за судија во Апелација. Од 2012 до 2018 година е член на Судскиот совет, по што се враќа во Апелација.
За в.д. претседател на второстепниот суд беше определена на Судскиот совет на почетокот на февруари оваа година.
Инаку, името на Мери Дика Георгиевска беше актуелно во јавноста како кума на осудениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски познат како Боки 13. Таа се појави и како сведок во судскиот процес за овој случај.
Судијката Снежана Манев, старо-новата претседателка на кумановскиот Основен суд, летово беше во фокусот на јавна преписка меѓу Судскиот совет и министерот за правда Кренар Лога, која тој ја иницира реагирајќи на тоа што на судијката ѝ била дадена можност по вторпат да полага психолошки тест.
Министерот за правда влезе во отворен конфликт со судијката, а неодмна во интервју за ТВ 21, рече дека е во „отворена војна“ со претседателката на Основниот суд Куманово и со Судскиот совет.
За изборот на Манев за претседател на кумановскиот суд „за“ гласаа деветмина члена на Судскиот совет, а еден беше против. Членот на Советот кој не и даде поддршка на гласањето на 30 октомври беше Миљазим Мустафа.
„Јас гласав против бидејќи имаме негативен извештај при посетата и контролата на Основниот суд Куманово, која е направена во периодот кога сега избраниот кандидата за претседател на Судот бил в.д. претседател на Судот. Исто така имаме сериозни најави за недобро менаџирање со судот, меѓучовечките односи во овој суд се на најниско можно ниво, а тоа го кажале и вработените и судиите и лицата коишто имаат контакти со овој суд. Затоа и гласав против, меѓутоа на избраната претседателка и посакувам среќа и добро здравје“,
рече Мустафа.