Претседателот на РКЕ вели дека се во комуникација со преносните систем-оператори, како и со регулаторните тела на земјите кои се засегнати од денешната состојба

МЕПСО ги има активирано сите механизми за домино ефектот од дефектот на електропреносниот систем кој остави без струја делови од Црна Гора, БиХ и Хрватска, да не се почувствува и кај нас, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси (РКЕ), Марко Бислимоски.
Бислимоски вели дека тоа што денеска речиси цела Црна Гора, Босна и Херцеговина и дел од Хрватска се останати без струја е само потврда дека инвестициите во енергетиката мора да бидат приоритет број еден.
Тој додава дека се во комуникација со преносните систем-оператори, како и со регулаторните тела на земјите кои се засегнати од денешната состојба.
„Не така далеку беше кога земјата и регионот се соочи со ‘блек аут’ (колапс на електричната мрежата). Во комуникација сме со преносните систем оператори како и со регулаторните тела на земјите кои се засегнати од оваа состојба. Енергетиката е испреплетена како крвните садови во човековото тело. Ќе повторам: инвестиции, инвестции и само инвестиции се неопходни“,
вели Бислимовски во изјава за порталот „Рацин.мк“.
Голем број градови во Босна и Херцеговина, Црна Гора, дел од Хрватска и Албанија денеска попладне останаа без струја. Според првичните информации, се работи за регионален колапс како резултат на големо оптоварување, односно нагло зголемување на потрошувачката на струја поради високите температури.
Попладнево, по хаосот и прекинот во електроенергетскиот систем, напојувањето со електричната енергија почна да се враќа во многу градови низ Хрватска, Босна и Херцеговина, како и низ Црна Гора.