Од Црногорскиот електропреносен систем (ЦГЕС) велат дека сите градови во Црна Гора се снабдени со струја, а во БиХ и во Хрватска снабдувањето со електрична енергија е нормализирано во дел од населените места

По хаосот и прекинот во електроенергетскиот систем, напојувањето со електричната енергија почна да се враќа во многу градови низ Хрватска, Босна и Херцеговина, како и низ Црна Гора.
Генералниот директор на „Електропривреда РС“, Лука Петровиќ, за „Дневни аваз“ изјави дека во Бања Лука и во Требиње е вратено снабдувањето со електрична енергија и дека се очекува целосна стабилизација во следните неколку часа. Босанските медиуми пренесуваат дека струјата полека се пушта во делови од Сараево, како и во Тузла, Мостар и Какањ.
Директорот на Националниот диспечерски центар, Ранко Реџиќ, на прес-конференција на Црногорскиот електропреносен систем (ЦГЕС) соопшти дека сите градови во Црна Гора се снабдени со струја.
Тој рече дека во 12:25 часот дошло до нарушување на регионалните размери, што зафатило поголем дел од Црна Гора, освен северните општини, како и поголемиот дел од Хрватска, Албанија и Босна и Херцеговина (БиХ).
„Немаме информации што точно се случило и што довело до ова, а тоа ќе го утврди Европската асоцијација на оператори на преносни системи, која е дел од Европската комисија (ЕК). Детални и прецизни информации ќе имаат по истрагата “,
рече Реџиќ.
Тој рече дека не може да ги коментира наводите на регионалните медиуми дека Црна Гора наводно е виновна за овој настан и објасни дека тоа е регионален неуспех и оти истрагата на официјалниот орган на ЕК ќе покаже што се случило.
„Далматински портал“ објави дека струјата се вратила во делови од Сплит.
Нормализирање во снабдувањето со електрична енергија, хрватските медиуми пренесуваат дека има и во Дубровник, Шибеник, Имотски и Брач, но делови од Далмација сѐ уште се без струја.
„Дефектот започна во Албанија и Црна Гора. Полека ги враќаме трафостаниците на струја. Коњско и Закучац се под напојување, се работи и на обновување на другите трафостаници. Тоа е тековен процес, тешко е да се каже кога сите потрошувачи ќе добијат струја, тоа е голем дефект, не се сеќаваме во последните 20 години на толку широк простор да имало толку голем дефект“,
велат од националната електроенергетска компанија „Хрватска електропривреда“ за Радио Далмација.
Голем број градови во Босна и Херцеговина, Црна Гора, дел од Хрватска и Албанија денеска попладне останаа без струја. Според првичните информации, се работи за регионален колапс како резултат на големо оптоварување, односно нагло зголемување на потрошувачката на струја поради високите температури.
Операторот на преносниот систем во Албанија соопшти дека причините за прекинот на електричната енергија се поради големиот обем на потрошувачката, како и екстремно високите температури, кои, како што се вели, предизвикале дефекти на интерконекциската линија со Грција.