По одлуката на европските лидери за прекин на авиосообраќајот над Белорусија, дел од авиокомпаниите соопштија дека веднаш ќе постапат по препораките на ЕУ. Францускиот авиопревозник „Ер Франс“ денеска информираше дека ги стопира летовите во воздушното пространство на Белорусија.
„’Ер Франс’ имаше увид со заклучоците на Европскиот совет и ги прекинува до следна наредба летовите на авионите во воздушното пространство на Белорусија“,
се вели во соопштение од авиокомпанијата.
Претходно и германската авиокомпанија „Луфтханза“ соопшти дека привремено ги прекинува летовите во белорускиот воздушен простор по присилното слетување на патнички авион во Минск, поради наводни сознанија за можен терористички напад.
„Со оглед на развојот на моменталната состојба, засега ги прекинуваме активностите во воздушниот простор на Белорусија“,
соопшти „Луфтханза“.
Принудното слетување на авионот на „Рајанер“ и апсењето на Протасевич беа тема на разговор вчера во Брисел. Шефовите на држави влади на ЕУ се согласија дека Европската Унија треба да воведе низа рестриктивни мерки кон Белорусија, а меѓу предложените санкции што се очекува Советот на ЕУ формално да ги усвои беше и забраната за прелетување на авионскиот простор над ЕУ за белоруските авиокомпании.