Авион на „Рајанер“ кој сообраќал од Грција до Литванија, денеска беше принуден да слета во Минск на барање на белоруските власти, со цел да го уапсат опозицискиот блогер и новинар, Роман Проташевич, бидејќи го сомничат за организатор на протестите против белорускиот претседател, Александр Лукашенко.
Полицијата го уапси Роман Проташевич, по кого трагаа белоруските власти поради неговото учество во минатогодишните масовни протести што избија по изборната победа на претседателот Александар Лукашенко. Проташевич е еден од основачите на опозициските вести НЕКСТА, канал што стана еден од главните извори на вести за демонстрациите во Белорусија.
Авионот на релација Атина – Вилнус се наоѓал во воздушниот простор на Белорусија и скоро стигнал до Литванија кога пилотот бил принуден да го смени правецот. Белоруските власти побарале авионот принудно да слета со образложение дека содржи експлозив, но ништо не е пронајдено во леталото.
Според белоруската државната новинска агенција БеИТА, претседателот Лукашенко лично наредил авионот на „Рајaнер“ да биде придружуван од воен авион. Компанијата „Рајанер“ сè уште не го коментитала инцидентот.
Претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, реагираше на денешниот настан и побара итно ослободување на Проташевич.
„Невиден настан! Цивилен патнички авион кој летал кон Вилнус е принуден да слета во Минск. Белорускиот активист и основач на НЕКСТА бил во авион и бил уапсен. Белорускиот режим стои позади оваа акција! Барам итно ослободување на Роман Проташевич“,
напиша Науседа на Твитер.