Европската народна партија, Обновена Европа, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите и Зелената фракција потпишаа заедничка изјава во која меѓудругото побараа и нови, слободни, избори во Белорусија
Водечките политички партии на Европскиот парламент во заедничка изјава го прогласија претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, за персона нон-грата во ЕУ и повикаа на нови, слободни избори во оваа земја.
Изјавата ја потпишаа Европската народна партија, Обновена Европа, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите и Зелената фракција, јавија агенциите од Брисел.
„Претседателските избори во Белорусија на 9 август не беа ниту слободни, ниту фер. Доверливите извештаи ја докажуваат победата на Светлана Тихановска. Затоа не го признаваме Александар Лукашенко за избран претседател и го сметаме за персона нон-грата во Европската унија. Му се придружуваме на белорускиот народ во неговото барање за нови и слободни избори“,
се наведува во заедничката изјава на европарламентарците.
Партиите на Европскиот парламент ја поддржаа одлуката на Министерството за надворешни работи на ЕУ за поединечни дополнителни санкции против Белорусија и повикаа тие да бидат воведени во најкУС можен рок.
„Ја поздравуваме одлуката на министрите за надворешни работи на ЕУ за ‘црната листа’ за сите функционери кои се одговорни за насилството и фалсификување на претседателските избори. Бараме списокот да биде изготвен што е можно поскоро за на лицата кои ги извршиле овие злосторства да им се забрани влез во ЕУ и да им се блокираат средствата“,
се додава во соопштението.
Пратениците на ЕУ, исто така, ја повикаа Русија да се воздржи од мешање во ситуацијата во Белорусија, ја осудија употребата на сила против мирните демонстранти и повикаа на итна и транспарентна истрага за сите случаи на насилство врз граѓаните.
Противкандидатката на Александар Лукашенко на претседателските избори, Светлана Тихановскаја, која се наоѓа во егзил во Литванија вчера порача дека е подготвена да застане на чело на земјата.
Лукашенко, пак, изјави дека нема да има нови претседателски избори.