Според нејзиното сведоштво, по втората пријава на сопругот му била изречена забрана за приближување, а свекорот добил усна опомена. Младата жена вели дека стравува оти тој повторно ќе ја нападне и дека со деветмесечниот син ќе замине од земјава

Деветнаесетгодишна скопјанка во разговор за ТВ Канал 5 раскажа дека пред четири месеци првпат побарала помош од полицијата откако сопругот физички ја нападнал. По неговото извинување ја повлекла пријавата, но, како што вели, насилството продолжило. Таа ги повика и другите жртви да го пријават насилството.
Младата жена раскажа дека свекорот ја навредувал, ја плукал и ја удирал со клоци затоа што јадела леб што не го купила. Му се јавила на сопругот и побарала од него да разговара со татко му. „Кога се врати се скаравме за сите случувања и ме истепа“, изјави таа.
Според нејзиното сведоштво, по повторното пријавување полицијата реагирала веднаш. На сопругот му било забрането да ѝ се приближува, а за свекорот имало само усна опомена, која, според неа, не е доволна за да ја заштити. Таа раскажа и за различниот однос на службите од кои побарала помош. Полицајците уште првиот пат ја советувале да не ја повлекува пријавата, додека во социјалната служба ја прашувале што ќе прави сама со детето ако се раздели од сопругот.
МВР за десет месеци евидентирало речиси 1 900 случаи
Од јануари до октомври годинава во полицијата се пријавени 1 897 настани поврзани со семејно насилство, наспроти 1 125 во истиот период лани. Тоа е зголемување од околу 70 отсто, покажуваат податоците што министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги презентираше на вчерашниот брифинг со новинарите.
Во истиот период поднесени се 1 450 кривични пријави за 1 489 кривични дела. Анализата на МВР за претходните пет години, од 2021 до 2025 година, покажува дека 79 отсто од евидентираните жртви на семејно насилство биле жени, а 91 отсто од сторителите биле мажи.
