Остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите до крајот на мај месец да имаме целосно пуштен автопат, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски

Делницата од кичевското село Извор до селото Врбјани во Општина Дебрца од автопатот Кичево – Охрид се очекува да биде ставена во функција во следните неколку недели. Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Николоски додаде дека автопатот се гради со одлична динамика.
„Остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку автопат со сите потребни документи, нешто што за жал не сме го гледале често во минатото, од една страна, и од друга страна оној најтежок дел којшто оди од селото Извор, Кичевско до селото Врбјани во Дебрца, очекувам во следните неколку недели да биде ставен во функција. Таму градежните работи се целосно завршени, што може да се види и со голо око“,
рече Николоски.
Тој додаде дека се пробиени тунелите односно двете тунелски цевки од кои едната е со должина од 1 100 метри, а втората е со должина од 1 990 метри.
Според Николоски, четирите галерии што се на оваа делница се завршени, како и целосниот труп на патот, мостовите и вијадуктите.
„Она што го правиме во моментов е спроведување на најновата европска директива за безбедност во сообраќај, особено во тунели, така што се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот“,
рече тој.
За автопатите што ги гради компанијата „Бехтел и Енка“, Николоски рече дека најголем прогрес има на автопатот Прилеп-Битола.
„Различен е прогресот на различните секции. Во однос на секција 1, тоа е од Тетово до Гостивар, таму на земјените работи имаме прогрес од 65%, инаку на ниедна од трите секции немаме сè уште асфалт. Во однос на втората секција, тоа е од Гостивар до Букојчани, имаме два дела, делот којшто е од Гостивар веќе е со 60% прогрес, а делот којшто е од Букојчани сега почнува да се гради. Во делот на Прилеп – Битола, во однос на земјените работи, имаме преку 80% прогрес“,
вели вицепремиерот Николоски.
Што се однесува за автопатот Требеништа-Ќафасан, посочи дека разговарал со изведувачот „Бехтел и Енка“ и се обидуваат да ја најдат најоптималната варијанта по која ќе се движи оваа делница.
„Разговараме тука и со изведувачот ‘Бехтел Енка’ и се обидуваме да ја најдеме најоптималната варијанта којашто ќе значи, секако, да го зачуваме статусот којшто го има целокупниот регион, значи не само делот Охрид – Струга, туку целокупниот регион и очекувам за брзо време, можеби и со почетокот на градежната сезона веќе да имаме градежни активности“,
рече тој.
