„Очекувам, на техничко ниво, до крајот на месецот да се расчистат сите работи и ќе можеме да влеземе во парламент на почетокот на декември, за до крај на декември да поминат овие закони“, изјави денеска премиерот Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека на состанок во Владата посветен на спроведувањето на Реформската агенда што се одржал вчера биле презентирани деталите за статусот на законите во неколку клучни ресори и се разговарало за тековните активности, постигнатиот напредок и следните чекори.
Мицкоски рече дека сработени се четири клучни закони во рамките на Министерството за јавна администрација, кои во моментов се во фаза на техничко усогласување со Европската комисија (ЕК), посочувајќи дека Владата интензивно работи на исполнување на чекорите од реформската агенда во рамки на предвидениот грејс период. Тој рече оти очекува сите реформи да бидат целосно завршени до декември.
„Очекувам, на техничко ниво, до крајот на месецот дека ќе се расчистат сите работи и ќе можеме да влеземе во парламент почетокот на декември, за до крај на декември да поминат овие закони. Тоа е Законот за административни службеници или познатиот ЗАС, каде имаме една-две точки на коишто разговараме со Европската комисија. Потоа е Законот за вработени во јавна служба или јавен сектор, каде имаме една или две забелешки на коишто ќе работиме на техничко ниво оваа недела. Третиот е за високи раководни служби, и тука имаме една-две исто така забелешки“,
изјави Мицкоски.
Мицкоски потсети дека Кривичниот законик (КЗ) и Законот за кривична постапка (ЗКП) се веќе испратени во Брисел на разгледување и сугестии, посочувајќи дека соодветните табели ќе бидат доставени најдоцна до понеделник.
Во однос на Законот за Академијата за судии и обвинители, Мицкоски посочи дека минува низ процедура за да се овозможи избор на нова генерација, а дополнително, со европските партнери, се расчистуваат прашањата околу финансирањето.
Во врска со законите за Јавно обвинителство, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, главна точка, за која Мицкоски рече дека е камен на сопнување, се буџетските проценти – 0,8% од БДП за судскиот буџет и 0,5% од вкупниот буџет за јавното обвинителство, за што е пронајден компромис кој е претставен пред ЕК.
„Претходно имавме состанок со претседателите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и разговаравме околу начинот на скалесто зголемување на буџетите. Дојдовме до еден компромис, тој го претставивме вчера на состанокот, очекуваме од Европската комисија да дадат и свое мислење поврзано со тој компромис којшто ние го имавме“,
рече Мицкоски.
Премиерот смета дека во делот на дигиталната трансформација се бележи стабилен напредок и затворање на предвидените чекори.
Според Мицкоски, Министерството за транспорт очекува мислења за пет закони кои носат мали измени во ИТС- системот во железничкиот и патниот транспорт.
Мицкоски денеска одговараше на новинарски прашања по увид во градежни активности во Општина Кисела Вода.
