Со законските измени со кои двојно се зголеми лимитот за набавки без тендерска постапка, повтори повеќепати премиерот, се превенираат манипулации во постапките и наплаќање од државата и институциите повеќе отколку што е самата јавна набавка
Премиерот Хрисијан Мицкоски обвини дека во земјава постојат адвокатски друштва и компании кои свесно се договараат јавни набавки да пропаѓаат, за потоа преку жалбените постапки да наплатат суми кои понекогаш се повисоки од самата вредност на јавната набавка. Тој ова го кажа во одговор на новинарски прашања во контекст на последните измени на Законот за јавни набавки, кои беа критикувани од опозицијата по повеќе основи.

Денешната изјава Мицкоски конкретно ја насочи кон измената во Законот, со која двојно се зголеми лимитот за набавки без тендерска постапка од 5 000 на 10 000 евра.
„Адвокатски друштва и компании заработуваат од тоа што свесно се договараат да пропаѓаат јавни набавки и тоа токму јавни набавки за кои сега прагот од 5 000 е зголемен на 10 000 или од 10 000 на 20 000 евра, за да не се доведеме во ситуација да плаќаме повеќе кон тие кои свесно ги буткаат јавните набавки или уценуваат одошто е големината на самата јавна набавка. Некогаш ни се случува овие организирани групи, кои свесно ги обжалуваат тендерите или имаат таква тенденција, да наплатат повеќе од државата или компанијата одошто е вредноста на самата тендерска процедура. Тоа не може веќе да се случува и нема да можат повеќе да го прават“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
На новинарско прашање зошто Владата не ги земала во предвид мислењата на експертите и невладините организации кои предупредувале за потенцијални ризици од носењето на ваквите законски измени, тој рече:
„Кои експерти? Кои се тие? Имаат име? Точно знам кои се тие експерти и невладини кои се обидуваат да креираат таква перцепција, но морам да кажам дека не се во право и дека имаме различни мислења и можам да го дискутирам тоа. Ова се е консултурано со меѓународната заедница, не го правиме ние ова затоа што сакаме како што велите вие, да заобиколуваме закони и слично. Напротив.“
Со овие измени, повтори повеќепати Мицкоски, се превенираат манипулации во постапките и наплаќање од државата и институциите повеќе отколку што е самата јавна набавка.
„Еве пример, градинка објавува тендер за да се сервисираат прозорците. Тоа е 50 000 денари. Некој свесно го бутка тој тендер, а наплаќа многу повеќе од 50 000 денари во процедурата. Тоа не може повеќе да се случува. Или, пак, ако сака, наместо досегашните 100 евра за жалба, ќе си плати многу повеќе па да видам потоа да обжалува“,
вели премиерот.
За предлогот во членот 13 од законското решение, со кој се предвидуваше можност за повторно именување на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, рече дека произлегол од недостигот на стручни кадри во оваа област. Овој член беше оспорен од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Ние тоа го направивме затоа што за жал во државата немаме голем избор на експерти за јавни набавки. Тоа се пет-шест луѓе. Но, во ред, ако е тоа спорно, ете го тргнавме тој член и одиме понатаму. Но, во државата толку се, пет-шест луѓе се кои можат да одговорат. Ако не е еден, ќе биде друг. Толкав е и бројот на членови на таа комисија. Дај боже да имаме поголем избор за да можеме повеќе луѓе да вклучиме во процесот“,
рече Мицкоски.
