Портпарол на американските воздухопловни сили потврди дека никој не е повреден во инцидентот и дека авионите и објектите во базата не се оштетени

Припадници на Воздухопловните сили на САД во базата „РАФ Лејкенхит“ (RAF Lakenheath) во Британија синоќа реагирале на сомневање за неовластена активност на беспилотни летала, пишува Ројтерс. Портпаролот на американските воздухопловни сили рече дека никој не е повреден во инцидентот и дека авионите и објектите во базата не се оштетени.
„Продолжуваме тесно да соработуваме со нашите партнери од земјата домаќин за да ја осигуриме безбедноста и сигурноста на припадниците на американските вооружени сили, цивилите од САД и од земјата домаќин, странските соработници, како и на сите наши семејства“,
додаде портпаролот.
BREAKING: US Air Force reports "suspected unauthorised drone activity" at RAF Lakenheath, in Suffolk. https://t.co/PAiZ4D1jU3 📺 Sky 501, Virgin 602, Freeview 233 and YouTube https://t.co/ZWkgu3BbMJ
— Sky News (@SkyNews) November 13, 2026
Од Ројтерс пишуваат дека од британското Министерство за одбрана не биле веднаш достапни за коментар.
Во текот на изминатите недели, САД ги преместија од Британија бомбардерите што се користеа за напади врз Иран, а големите авиони за полнење гориво во воздух ги префрлија од Британија во Германија.
Бомбардерите ја напуштија базата „РАФ Ферфорд“ (RAF Fairford) од безбедносни причини, откако група мажи со бели комбиња се приближија до базата среде ноќ.
Минатиот месец, во врска со тој инцидент, беа покренати обвиненија против двајца мажи, при што обвинителите наведоа дека еден од нив се обидел да ѝ помогне на иранската разузнавачка служба во Британија.
