Поранешниот функционер на ДУИ и иницијатор за формирање ново политичко движење, Изет Меџити, ќе се сретне со лидерите на БЕСА, Билал Касами, и на Алтернатива, Африм Гаши. Како што потврдил Меџити за МИА , тема на заедничкиот состанок ќе биде можната соработка и заедничките цели.
Подолго време, според јавните настапи на тројцата политичари, се зборува за окрупнување на албанскиот опозициски блок.
Касами пред три дена испрати повик до Меџити, но и до сите други партии и поединци да се приклучат во пошироко опозициско движење. Тој најави и можни заеднички листи на следните избори.
„Не само што сме отворени, туку продолжуваме интензивно да работиме со сите опозициски сили. Имаме добра комуникација со Изет Меџити и сметам дека во моментот кога ќе го формализира неговото движење, ние ќе ја формализираме и соработката. Дозволете ми да упатам повик и до сите други структури, другите партии и поединци кои не се задоволни од другите партии, да се придружат на ова движење бидејќи дојде време кај Албанците да има ротација во власта и конечно Албанците да направат промена и да бидат достоинствено застапени во државните институции“,
рече Касами на 21.07.2023.
Движењето на Меџити, кое засега нема име, ќе биде формирано на 13 август, денот на Рамковниот договор, кога и официјално ќе се формира новиот политички субјект и движење.