Претседателот на Беса Билал Касами најави широк опозициски блок со кој можно е да настапат со заедничка листа. Тој повтори дека веќе имаат најава за идна соработка со Алтернатива , а добри контакти, како што рече имаат и со поранешниот функционер од ДУИ Изет Меџити.
„Не само што сме отворени, туку продолжуваме интензивно да работиме со сите опозициски сили. Имаме добра комуникација со Изет Меџити и сметам дека во моментот кога ќе го формализира неговото движење ние ќе ја формализираме и соработката. Дозволете ми да упатам повик и до сите други структури, другите партии и поединци кои не се задоволни од другите партии, да се придружат на ова движење бидејќи дојде време кај Албанците да има ротација во власта и конечно Албанците да направат промена и да бидат достоинствено застапени во државните институции“
рече Касами.
Движењето на Меџити, кое засега нема име, ќе биде формирано на 13 август, ден на Рамковниот договор, кога и официјално ќе се формира новиот политички субјект и движење.
Меџити, одговарајќи на прашањето дали ќе бидат подготвени за евентуални предвремени избори, рече дека токму затоа брзаат со формирањето на ова движење, за да се подготват за секаков вид предизвици кои можат да се појават во меѓувреме.