На крајот од митингот кандидатите на студентската листа се симнаа од бината и се наредија во круг околу фонтаната на „Славија“ држејќи го високо Уставот на Србија и играјќи оро. Собраните граѓани носеа српски знамиња и транспаренти со натписите „Студентска листа“ и „Студентите победуваат“ и свиреа со свирчиња
Студентската листа – Студентите победуваат вечерва го одржа завршниот предизборен митинг на плоштадот „Славија“ во Белград, пред вонредните парламентарни избори закажани за 25 октомври.

Граѓаните вечерва организирано се упатија кон плоштадот „Славија“ во шест колони од различни делови на градот, меѓу кои Нов Белград, Земун и Чукарица. Подоцна тргнаа и колони од Студентскиот плоштад, од зградата на Техничките факултети на булеварот „Крал Александар“ и од Автокоманда.
Во текот на денот се организирани и повеќе автомобилски колони од различни делови на Србија.
На завршниот собир, насловен „Победата те повикува“, му претходеа повеќедневни студентски маршеви од повеќе делови на земјата. Студентите синоќа беа пречекани пред Ректоратот во Белград.
Пред крајот на митингот поддржувачите на студентската листа заиграа оро, а организаторите им се заблагодарија на присутните граѓани.
„Да живеат студентите, да живее слободата, да живее Србија“,
порачаа студентите.
На митингот кандидатот на листата, лекарот и универзитетски професор Југослав Гашиќ, ја обвини актуелната власт дека ја поделила земјата и ги ставила личните и партиските интереси пред интересите на граѓаните.
„Оние што нè доведоа до работ на бездната ги посрамија вековите, понижија милиони, а украдоа милијарди. За некаква обединета Србија ни зборуваат оние што живеат од нашите поделби, а за Србија што победува – оние што со децении нè водеа од пораз во пораз“,
порача од бината Југослав Гашиќ, кандидат на студентската листа, лекар и универзитетски професор.
Студентот на Биолошкиот факултет, Арса Стојановиќ, изјави дека граѓаните во изминатите две години покажале волја, сила и искрен патриотизам. Тој ги повика да излезат на гласање и да ја заокружат победата.
„Патриотизам на кој сите, без исклучок, треба да се гордеете и еден ден со крената глава да кажете: ‘Бев дел од победата!’“,
рече Стојановиќ.
На митингот се претставени и делови од програмата на Студентската листа. Кандидатите најавија реформи во судството и обвинителството, образование достапно за сите, подобрување на здравствената заштита, вложувања во земјоделството и економијата, како и заштита на животната средина и работничките права.
Собраните граѓани носеа српски знамиња и транспаренти со натписите „Студентска листа“ и „Студентите победуваат“ и свиреа со свирчиња.
Во Нови Сад вчера имаше голема полициска акција за апсење група осомничена за планирање масовни немири на денот на парламентарните избори.
