Изборот на Малта како следен претседавач со ОБСЕ беше постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија
Малта денеска од Република Северна Македонија го презема едногодишното претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а претседавањето ќе го врши шефот на дипломатијата Иан Борг.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи на 1 декември, на крајот од 30. Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, изјави дека одлуката за претседавање на Малта е донесена едногласно.
Османи се заблагодари за преземањето на одговорноста за продолжувањрето на исклучително важната мисија на ОБСЕ во овие, како што кажа, предизвикувачки времиња. На Малта ѝ посака помалку предизвикувачка година од годината во која со Организацијата претседаваше Северна Македонија.
Малтешкиот министер и иден претседавач Иан Борг ја истакна подготвеноста на Малта да го преземе претседателството.
„Едногласната одлука на сите 57 земји-членки е доказ за нашата заедничка посветеност да продолжиме да ја зајакнуваме нашата организација и, и покрај сите предизвици со кои моментално се соочуваме, да обезбедиме оваа организација да остане силна. ОБСЕ е создадена врз заеднички принципи и вредности. Тоа е инклузивна платформа за ефективен дијалог и ќе се погрижиме да ја зајакнеме“,
рече Борг.
Изборот на Малта како следен претседавач со ОБСЕ беше постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.
Во 2025 година, пак, едногодишното претседавање на ОБСЕ ќе го води Финска.
ОБСЕ, чие седиште е во Виена, е основана во 1973 година и е најголемата меѓувладина безбедносна организација во светот со 57 земји членки и 11 земји партнери.