За прашањата поврзани со претседавањето со Организацијата за следната година, постојаниот претставник на САД во ОБСЕ информираше дека е постигнат договор за претседавачот за наредната година и за продолжување на мандатите на првите луѓе на институциите во рамки на ОБСЕ
Русија останува изолирана во рамки на ОБСЕ поради воената агресија врз Украина, порача постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер, говорејќи на денешната прес-конференција на маргините од Министерски совет на Организацијата во Скопје за резултатите од состанокот.

„Фокусот на сите нас беше на руската воена агресија врз Украина. За оваа ужасна агресија разговараме секоја недела на Постојаниот совет на Организацијата. Русија останува изолирана во рамки на Организацијата. Не постои ниту една друга членка на Организацијата која ја поддржува оваа воена агресија или која се обидува да ја брани. Исто така, утврдивме дека Организацијата ни овозможи средства да ги постигнеме нашите цели кои вклучуваат поддршка за граѓанското општество. Најдовме начин, и покрај попречувањата од Русија, да ја одржиме годишната конференција за човекови права во Варшава на која учествуваа над 1 500 активисти за човекови права, надминувајќи го бројот на учесници од минатата година, како и употребата на Московскиот механизам, важна алатка која им овозможува на земјите членки да ја држат Москва одговорна за нејзините брутални активности во Украина како воените злосторства, мачења, за злосторства против човештвото и други злосторства“,
рече амбасадорот Карпентер кој истовремено ѝ изрази признание на земјава за, како што рече, огромната работа што ја направи за време на едногодишното претседавање со ОБСЕ оваа година во многу тешко време.
За прашањата поврзани со претседавањето со Организацијата за следната година, тој информираше дека е постигнат договор за претседавачот за наредната година и за продолжување на мандатите на првите луѓе на институциите во рамки на ОБСЕ.
„Среќен сум што можам да известам дека Малта се согласи да биде претседавач наредната година. Ние сме благодарни што тие ја преземаа оваа одговорност. Тоа е голем предизвик за нив, но ние сме уверени дека ќе успеат да ги одбранат вредностите во претстојната година. Во контекст на раководството на Организацијата, ние штотуку постигнавме првичен договор за продолжување на мандатот за девет месеци на генералниот секретар, на високите претставници за националните малцинства, слобода на медиуми и на Канцеларијата за демократски институции и човекови права. Знаеме што е влогот и ова претставува победа за западните земји кои имаат исти ставови и кои се прашуваа за тоа дали има можност за договор“,
рече американскиот дипломат.