Актуелниот претседавач со Организацијата им честита на Малта и на идниот претседавач, малтешкиот министер за надворешни работи Иан Борг, и им заблагодари за преземањето на одговорноста за продолжувањрето на исклучително важната мисија на ОБСЕ во овие, како што кажа, предизвикувачки времиња
ОБСЕ е спасена – порача попладнево министерот за надвошрени работи и актуелен претседавач со Организацијата, Бујар Османи. Тој на завршната прес-конференција по дводневниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје објави дека Организацијата и нејзиното функционирање се спасени за доброто на луѓето.

На прес-конференцијата објави дека Малта и официјално е избрана за нов претседавач со ОБСЕ за 2024 година.
„Сите земји учеснички на Организацијата се согласија дека Малта е новиот претседавач за следната година. Одлучено е и продолжување на мандатите на првите четири лидерски позиции на ОБСЕ“,
објави Османи.
Актуелниот претседавач со Организацијата им честита на Малта и на идниот претседавач, малтешкиот министер за надворешни работи Иан Борг, и им заблагодари за преземањето на одговорноста за продолжувањрето на исклучително важната мисија на ОБСЕ во овие, како што кажа, предизвикувачки времиња. На Малта ѝ посака помалку предизвикувачка година од годината која со Организацијата претседава Северна Македонија.
Од прес-конференцијата се обрати и малтешкиот министер и иден претседавач Иан Борг.

Порача дека укажаната доверба кон него и неговата земја како идни претседавачи е доказ за заедничката заложба за зајакнување на Организацијата и покрај сите предизвици со кои таа се соочува.
„Како што го почнуваме нашето заедничко патување, ќе се посветиме на исполнување на нашите должности и одговорности во времето што претстои“,
рече тој.
Борг очекува да работи, како што рече, рака под рака заедно со сите партнери и кажа дека ќе се обврзе да работи кон поттикнување на зајакнување на мултилатеризмот.
Изборот на Малта како следен претседавач со ОБСЕ е постигнат по неколкуте неуспешни обиди да се постигне консензус за единствената земја кандидат за претседавањето со Организацијата за 2024 година – Естонија – поради ветата кои ги доби од Русија и Белорусија.
Во 2025 година, пак, едногодишното претседавање на ОБСЕ ќе го води Финска.