Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, остро реагираше на изјавите на бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов, кој рече дека на македонскиот премиер, Зоран Заев, умот му доаѓа подоцна како и на Бугарите.
„Срамни и понижувачки се ваквите шовинистички изјави на Каракачанов. Доколку премиерот на Бугарија, Борисов, не се огради од ваквите навредливи изјави на неговиот вицепремиер Каракачанов потребно е да се стопираат разговорите и преговорите во врска со едностраниот спор“,
реагира Димитриевски.
Тој додава дека потребно е да се изгради сеопшт национален консензус во Македонија за ова прашање и да се продолжи понатаму со разумни луѓе од другата страна кои нема да провоцираат и собираат евтини политички поени, туку ќе бараат решение.
„Ваквата изјава е навреда не само за премиерот туку и за целиот македонски народ и сите наши граѓани. Очекувам дека и колевката на демократијата и човековите права и слободи, Европската Унија, и официјално ќе ги осуди ваквите навредливи изјави од страна на бугарските официјални лица. Министерството за надворешни работи веднаш треба да го повика бугарскиот амбасадор и да му врачи остра протесна нота“,
пишува Димитриевски на својот профил на Фејсбук.
На изјавите на Каракачанов одговри и премиерот Заев кој рече дека освен што тие двајца имаа етнички и идентитески разлики, тие имаат и различен светоглед.