Блиску сме до договор, ние дадовме предлог, работевме заедно, тоа ни овозможи да ги ставиме бугарските барања, кои се компатибилни со она што Северна Македонија може да го направи, но очигледно е потребна видливост и градење доверба, рече Макрон на прес-конференцијата вечерва
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, чија земја претседава со ЕУ до крајот на месецов, се надева дека е можен договор меѓу Скопје и Софија за преговарачката рамка и најави преговори во следните часови со Северна Македонија.
„Блиску сме до договор, ние дадовме предлог, работевме заедно, тоа ни овозможи да ги ставиме бугарските барања, кои се компатибилни со она што Северна Македонија може да го направи, но очигледно е потребна видливост и градење доверба. Во следните часови ќе има гласање на бугарскиот парламент и ние сметаме на сите луѓе од различни политички партии во Бугарија да го поддржат тоа и на претседателот на државата кој треба да преземе обврска и партиите од мнозинството и оние кои го напуштија и од опозицијата да гласаат за тоа. Тоа е европска должност“,
рече Макрон на прес-конференцијата вечерва во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање и додаде:
„Во следните часови ќе имаме разговори со Северномакедонците да дојдеме до договор. Се надевам дека следната недела на состанок на КОРЕПЕР за процесот ќе може да обезбедиме Северна Македонија и Албанија да се придвижат напред. Вистина е, чекањето беше долго“,
рече Макрон на прес-конференцијата.
Тој рече дека Македонија досега направи историски чекори, како менувањето на името и уставот, а сега земја членка на ЕУ повторно бара измени.
„Не можеме да се преправаме дека тоа не постои. Дали е фер кон Македонија, морам да кажам дека не е. Затоа ние направивме толку притисок врз Бугарија во изминативе месеци. Тоа резултира со политичката криза која настана неодамна во Бугарија. Не можеме да се правиме дека тоа не се случува“,
изјави Макрон.
Тој посочи дека во Бугарија има политичка криза, но ги поздрави и напорите на бугарскиот премиер за се што е досега сторено од негова страна.
Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел по Самитот на ЕУ со Западен Балкан порача дека Северна Македонија го одбива францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија во ваква форма каков што е.
„Предлогот во ваква форма како што е во моментов е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање на нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите за да се започнат преговори до крајот на јуни. Сакам да ја искористам оваа пригода и да порачам дека граѓаните може да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв план стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сè, сега ЕУ е на потег. Во меѓувреме Северна Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива Европската Унија, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на живот“,
соопшти Ковачевски на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ние, рече премиерот, го сакаме тоа што го имаа и другите земји кога се приклучуваа кон ЕУ, а тоа е почит за јазикот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет.
Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание денеска го усвои предлогот од лидерот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов за решение на односите меѓу Софија и Скопје,
Како што јави вечерва БГНЕС таа е усвоена со гласовите на ГЕРБ и ДПС, а документот што е изгласан се базира на францускиот предлог.
Утре предлог-одлуката мора ќе биде ставена на дневен ред на Народното собрание.
„Нашиот текст се совпаѓа со предлогот на француското претседателство. Гарантираме дека сите преземени обврски во билатералните протоколи ќе бидат следени на ниво на Европската комисија во преговарачката рамка, а потоа и на Европскиот совет. Накратко, Бугарија ќе може да ја контролира оваа работа. Има текст кој целосно ја гарантира еднаквоста на Бугарите во Уставот на РСМ. Во никој случај нема да добијат друг статус. Има многу јасна гаранција дека доколку властите во Скопје не го сменат Уставот, нема да има преговори за членство во ЕУ. Ова го пишува во францускиот предлог, кој го прифаќаме и така станува валиден“,
изјави Иванов.