Сите 27 лидери, 27 нации, 27 земји кои ѝ се приклучија на Унијата, сите се приклучија гордо со сите различности и со целосна почит за своите и за туѓите културни, лингвистички и историски различности. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Тоа е она што и ние го посакуваме, рече премиерот Ковачевски во Брисел
Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел по Самитот на ЕУ со Западен Балкан порача дека Северна Македонија го одбива францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија во ваква форма каков што е.
„Предлогот во ваква форма како што е во моментов е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање на нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите за да се започнат преговори до крајот на јуни. Сакам да ја искористам оваа пригода и да порачам дека граѓаните може да се спокојни. Ние секогаш ги имаме во прв план стратешките интереси и цели на државата. Никој не може без наша согласност да наметне какво било решение. Ние направивме сè, сега ЕУ е на потег. Во меѓувреме Северна Македонија, Албанија и Србија активно и практично ќе ги имплементираат четирите слободи на кои почива Европската Унија, ќе ги европеизираат општествата и ќе го подобрат квалитетот на живот“,
соопшти Ковачевски на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Ние, рече премиерот, го сакаме тоа што го имаа и другите земји кога се приклучуваа кон ЕУ, а тоа е почит за јазикот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет.
„Сите 27 лидери, 27 нации, 27 земји кои се приклучија на Унијата, сите се приклучија гордо со сите различности и со целосна почит за своите и за туѓите културни, лингвистички и историски различности. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Тоа е она што и ние го посакуваме, ништо повеќе и ништо помалку – почит за лингвистичкиот, етничкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ и да се приклучиме на Унијата гордо заедно со сите членови на ЕУ, заедно со сите народи членки на ЕУ и исполнувајќи ги сите критериуми за членство“,
рече Ковачевски.
Ковачевски му се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон за ангажманот и за напорот и ги наведе нашите позиции и црвени линии:
Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет; Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;
Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;
Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол што сѐ уште не е усогласен со Бугарија;
Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија“,
рече премиерот.
Премиерот потсети дека Северна Македонија е кандидат за членка на ЕУ речиси 18 години и рече дека денеска на Самитот со лидерите на ЕУ го изразил незадоволството до динамиката по која се одвива овој процес.
„Ова што се случува е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ, губиме драгоцено време кое реално го немаме на располагање. Северна Македонија и Албанија, но и регионот, не смееме да дозволиме да тапкаме во место поради една земја членка која едноставно не успева да се искоординира и да обезбеди деблокирање на нашиот европски пат, не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем“,
рече Ковачевски.
Во говорот тој порача дека Северна Македонија е земја која светот денес ја препознава како земја што успева преку отворен дијалог да разреши горливи и тешки прашања и како земја што е посветена на изнаоѓање заеднички прифатливи решенија базирани на европски вредности и достоинство на граѓаните.
„Со истата идеја влеговме и во процесот на преговори со Бугарија, искрено и со желба истите да се поставени на европски вредности. Месеци наназад инсистиравме да си го посветиме времето и вниманието кон иднината и изнаоѓање решенија што ќе го деблокираат процесот за пристапување и за Северна Македонија и за Албанија. Бугарија реши да се врати во минатото и да постави блокада која никому не оди во прилог освен на одредени трети страни кои ќе имаат отворен терен да ги пополнат празнините кои неминовно ќе се отворат со вакви непромислени чекори што е исклучително важно од геостратешки аспект“,
рече Ковачевски.
Порачувајќи дека земјава во меѓувреме заедно со Србија и Албанија ќе работи на подобрување на квалитетот на животот и развојот преку иницијативата „Отворен Балкан“, Ковачевски порача дека оваа иницијатива не е замена за ЕУ, а зборуваше и за иницијативата на Макрон за формирање Европска политичка заедница.
„Денес ја слушнавме и иницијативата на претседателот Макрон за воспоставување европска политичка заедница како платформа за стратешки политички дијалог и одлучи кои се важни се европскиот континент. Ја поздравуваме оваа иницијатива и сметаме дека е важно да се воспостави токму во овој момент. Но, би сакале да видиме како ќе функционира и кои се конкретните цели. Која било иницијатива од овој карактер не смее да биде замена полноправно членство во ЕУ“,
порача премиерот.