Од приватниот превозник велат дека тоа не е организатор на протестите и дека не знаат до кога тие ќе траат и дали ќе се прошират на други улици и во кој формат
Претпријатието „Макекспрес превоз“ чии приватни превозници заедно со колегите од „Слобода превоз“ протестираат со блокада на повеќе скопски сообраќајници попладнево преку соопштение ги повика политиките партии да не го злоупотребуваат претпријатието и протестите за политички поени.
Воедно, сопственикот на „Макекспрес превоз“, Милорад Димитријевски, кој е потпишан на соопштението, ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да седне на преговарачка маса и да се најде решение за проблемот.
Од претпријатието велат дека тоа не е организатор на протестите и дека не знаат до кога тие ќе траат и дали ќе се прошират на други улици и во кој формат.
„Претпријатието `Макекспрес превоз` не е организатор на протестите. На улиците со своите возила се приватните превозници кои бараат средба со градоначалничката Данела Арсовска и исплата на заостанатиот долг. Раководството на `Макекспрес превоз` не знае до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира од причина што не е организатор на истиот. `Макекспрес превоз` останува да биде силна поддршка на превозниците кои ни ја дадоа довербата да го штитиме нивниот интерес и тоа го правиме преку поднесување на тужби до надлежните институции и користење на сите законски алатки со цел долгот да не се забошоти и парите за извршената работа да бидат наплатени“,
се вели во соопштението .
Од приватниот превозник велат дека досега, без разлика на на нивните лични политички убедувања, не давале јавна поддршка, ниту фаворизирале политички партии.
„Јавно апелираме политичките партии да не ги злоупотребуваат претпријатието и превозниците за политички препукувања и поени, бидејќи ние како `Макекспрес превоз` постоиме од осамостојувањето на државата и досега, без разлика на нашите лични политички убедувања, не сме давале јавна политичка поддршка, ниту сме фаворизирале политички партии. Наша единствена цел е да реализираме навремен и квалитетен превоз за граѓаните, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност. Затоа уште еднаш апелирам до политичките партии, протестот на превозниците да не се злоупотребува“,
нагласуваат од приватниот превозник.
Сопственикот на претпријатието, Димитријевски, во име на превозниците им се извинува на граѓаните за настаниот метеж по улиците и да ја повикува градоначалничката Данела Арсовска да седне на преговарачка маса.
„Сметам дека бегањето од соочување не смее да биде опција, затоа што му штети на јавниот интерес, на кој таа често се повикува. Превозниците имаат право да знаат зошто долгот не им се исплаќа, а граѓаните очекуваат одговор зошто улиците им се блокирани“,
вели Димитријевски во соопштението.
Инаку, денеска, откако генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, обвини дека блокадите во главниот град се поради политички и лични интереси на поединци, директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, најави дека од денеска во целост се повлекува од својата улога во протестот на приватните превозници зашто, како што рече, не сака неговото име да биде изговор за нерешавањето на проблемот.
Тој појасни дека „Слобода превоз“ и натаму ќе продолжи да постои, а тој ќе остане на директорската позиција на ова здружение за да ги застапува превозниците во започнатите судски постапки во однос на долгот од Градот Скопје.
Но, ќе продолжат и блокадите во главниот град.
Додека траат протестите на приватните превозници, кои со блокада на скопските сообрајаќници бараат исплата на долг од ЈСП „Скопје“, секојдневно партиите лиферуваат меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за хаосот со јавниот превоз во главниот град.
И додека одговорноста за хаосот во Скопје власта ја префрла кај ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска која ја имаше нивната поддршка на локалните избори, од ВМРО-ДПМНЕ одговорноста ја бараат кај СДСМ, ДУИ и Левица чии кадри, како што велат од партијата, управуваат со хаосот продуциран од Арсовска и крими интересите на Ковачевски.