Ленин Јовановски вели дека не сака неговото име да биде изговор за дефокус од вистинскиот проблем што го имаат приватните превозници и затоа се повлекува од протестот, со цел, како што рече, да помогне во решавање на проблемот. Неговото повлекување, сепак, нема да ги повлече и автобусите од улиците. Тие остануваат и натаму да го блокираат главниот град
Откако генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, денеска обвини дека блокадите во главниот град се поради политички и лични интереси на поединци, директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, најави дека од денеска во целост се повлекува од својата улога во протестот на приватните превозници зашто, како што рече, не сака неговото име да биде изговор за нерешавањето на проблемот.
„Поради тоа што во изминатите денови секој ден се повеќе се споменува моето име Ленин Јовановски како клучен проблем и изговор на одредени и политички структури и интересни групи коишто се фокусираат на мене како личност и на ‘Слобода превоз’ и на некакви бизнис или лични интереси што исто така беа споменати во обраќањето на секретарот, јас од денеска во целост ќе се повлечам од мојата улога во овие протести за да помогнам и да не бидам изговор ниту јас ниту ‘Слобода превоз’ за нерешавањето на овој проблем“,
изјави првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јованоски.
Тој кажа дека неговото име и фотографии што деновиве се појавуваат во јавноста, а на кои тој се појавува со лица од одредени политички структури, за од нив да се прави политичка пресметка. Според Јовановски, во јавноста се дава политичка компонента од неговата поддршка за одредена политичка партија, но и од поддршката која тој јавно ѝ ја даваше на актуелната градоначалничка на Скопје во предизборието. На тој начин, како што рече, се создава комплетен дефокус од вистинскиот проблем и од незафаќањето на институциите да го решат проблемот.
Тој појасни дека „Слобода превоз“ и натаму ќе продолжи да постои, а тој ќе остане на директорската позиција на ова здружение за да ги застапува превозниците во започнатите судски постапки во однос на долгот од Градот Скопје.
Но, ќе продолжат и блокадите во главниот град.
„И покрај тоа што на превозниците им е предочено дека има одредени поплаки на граѓаните за целава оваа ситуација, тие одлучија и понатаму да останат на улиците и да протестираат на овој начин. Иако имаше повеќе предлози за радикализација на протестите и некои други форми на протести, ниту еден од нив не е усвоен во овој момент“,
додаде Јовановски.
Изјавата на генералниот секретар на Градот кој кажа дека има огромен интерес на јавниот повик за избор на нови приватни превозници за линиите со број 20 и 22, Јовановски вели дека не е точна.
Со оглед на спротивните ставови по однос на ова прашање на првиот човек на „Слобода превоз“ и на генералниот секретар на Градот, Јовановски беше прашан дали се сомнева оти Градот сака да наметне некој друг превозник, тој рече дека до него стигнале одредени шпекулации во однос на тоа прашање, но дека засега не сака конкретно да ги коментира.
„Сè прифаќам во ранг на шпекулација дека можеби некој друг превозник или дека можеби дека интенцијата на градоначалничката е наводно да вади едни рачиња од мед за да може да им дозволи на други да си ги стават во тој мед ако може воопшто да стане збор за мед ова што приватните превозници го работат“,
рече Јовановски.
На прес-конференцијата со новинарите Јовановски беше прашан дали тој лично чувствува одговорност за состојбата во главниот град, зашто неговата поддршка кон градоначалничката Арсовска во предизборието придонела за состојбата во која денеска се наоѓа Скопје, тој рече дека единствено што може да направи е да ѝ се извини на јавноста оти како што вели, бил измамен и изманипулиран од Арсовска.
„Јас ако имам инструмент да можам да ја отповикам тоа би го направил веднаш меѓутоа за жал сум изманипулиран и тоа на, ако можам да кажам, на начин на којшто само им поминува на психопатите. Психопатот многу успешно знае да ви се наметне, да ве излаже и да ве стави во своја функција се до момент кога му требате. Првиот момент кога јас застанав зад приватните превозници веќе следниот ден јас бев непријател на градоначалничката која со најгруби зборови и без аргументи излезе и ме нападна“,
истакна Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.