„Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани во Цетиње, Црна Гора. Стоиме во солидарност со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време“, се вели во објавата на Министерството на платформата Икс
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на земјава преку социјалните мрежи упати сочувство до семејствата на жртвите во трагичниот настан во Цетиње, Црна Гора.
На првиот ден од новата година, во Цетиње беа убиени 12 лица, а сторителот на ужасниот чин кратко време по крвавиот пир се самоуби, откако беше опколен од полицијата.
„Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани во Цетиње, Црна Гора. Стоиме во солидарност со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време. Нашите мисли се со вас“,
се вели во објавата на македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на платформата Икс.
💔🙏 Deeply shocked and saddened by the tragic events in Cetinje, Montenegro. We stand in solidarity with the families of the victims and the people of Montenegro during this difficult time. Our thoughts are with you.
— MFAFT North Macedonia 🇲🇰 (@MFA_MKD) January 2, 2025
Во Црна Гора денеска е првиот ден од тридневната жалост по повеќекратното убиство.
Покрај дванаесеттемина убиени, во крвавиот пир на осомничниот Ацо Мартиновиќ, кој почина на пат кон болница откако самиот се застрела, ранети се најмалку четири лица.
Здравствената состојба на тројца од ранетите, според информациите е стабилна, но и натаму постои опасност по нивните животи, додека состојбата на четвртиот е критична. Тие се наоѓаат во Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица (КЦЦГ), каде што им се укажува помош.
Ацо Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње, а потоа продолжил и надвор од него.
Сѐ почнало по инцидент меѓу Мартиновиќ и гостин на ресторанот, по што тој отишол дома, зел пиштол и се вратил назад во угостителскиот објект. Таму убил четири лица.
Потоа застрелал и усмртил уште неколку члена на своето семејство, како и две деца на возраст од 10 до 13 години.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ за утре свика вонредна седница на Советот за нацинална безбедност на која ќе се разговара за носење итни мерки за откривање и конфискација на нелегално оружје, јакнење на безбедносните институции и подготовка на нов Закон за оружје со построги контроли за издавање дозволи за поседување оружје.