Името на македонскиот центар, кој треба да се отвори во Благоевград, како што посочи портпаролот на Владата Душко Арсовски, ќе се определи во комуникација со нашиот Институт за национална историја
Македонскиот културен центар во бугарскиот град Благоевград се планира да биде отворен до крајот на годината, информира владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека неговото име ќе се определи во комуникација со нашиот Институт за национална историја.
„Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека планира да го запознае својот бугарски колега Кирил Петков дека како Влада во текот на оваа година имаме намера да отвориме нов културен центар во Благоевград“,
изјави Арсовски одговарајќи на новинарско прашање кога ќе биде отворен нашиот културен центар во Благоевград.
На новинарско прашање до каде се проверките на Владата за легитимноста на постоењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, Арсовски посочи дека се собираат информации за начинот на кој е регистриран тој клуб и додаде дека во најскоро време се очекува работите да бидат појасни за што, посочи, јавноста ќе биде информирана.
„Тоа што е важно е дека се разгледуваат повеќе опции и институциите ќе постапат соодветно во овој случај“,
додаде Арсовски.
Во однос на отворањето на бугарскиот клуб во Битола под спорното име, премиерот Ковачевски посочи дека здружението е регистрирано според законски прописи, но оти Владата ќе ги собере сите потребни информации во врска со името под кое е регистрирано.
„Во однос на самото здружение кое е регистрирано, тоа подлежи на регистрација врз основа на законските прописи во државата. Нормално, како Влада ќе ги собереме сите информации што се потребни во однос на регистрација на здруженија на граѓани. Во однос на користењето на имињата веќе имаше одредени изјави и од правни експерти и кога ќе бидат собрани сите информации наредната недела ќе ве информирам за понатамошните чекори“,
рече Ковачевски пред две недели.