Гневни поради убиството на 14-годишната Вања, граѓани на социјалните мрежи се потпишуваат на онлајн петиција за воведување смртна казна за сторителите на убиството на девојчето
Нашиот Устав ја забранува смртната казна и мислам дека таа би била спас за тие монструми, изјави вчера министерот за правда Кренар Лога говорејќи во врска со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Со сочувство до семејствата на починатите, Лога изрази надеж дека сторителите на двете дела, за кои се осомничени истите лица, ќе ја добијат најострата казна и дека правдата ќе излезе на виделина.
„Уставот ја забранува смртната казна, но исто така имаме и усвоени протоколи и други конвенции, со кои се забранува смртната казна. Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава, кои мислам дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат казната до крајот на својот живот, во нивната свест што имаат направено“,
изјави Лога.
Додаде дека на сторителите на овие дела Судот треба да им изрече доживотна казна затвор.
„Верувам и во МВР и во Обвинителството и дека на крај Судот ќе ја изрече таа казна што монструмите ја заслужуваат“,
рече министерот за правда.
Гневни поради убиството на 14-годишната Вања, која до неделата се водеше за исчезната, граѓани на социјалните мрежи се потпишуваат на онлајн петиција за враќање на смртната казна за сторителите на убиството на девојчето.