„Трите најголеми опозициски партии – СДСМ, Левица и ДУИ, сите се за една изборна единица и иако имаме несогласувања околу прагот, дали треба да го има, колкав праг… Јас мислам дека ракавицата е фрлена. Можеме трите партии да се состанеме и да излеземе со предлог за една изборна единица“, изјави денеска пратеникот на Левица, Борислав Крмов

Предлогот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за опозициските партии да се договорат и да предложат измени на Изборниот законик, а тие да ги прифатат, за координаторот на пратеничката група на опозициската Левица, Борислав Крмов, е само бегање од одговорност на власта.
Тој смета дека не треба да се состане само опозицијата, туку сите партии. Сепак, денеска тој изјави дека ќе го прифатат предизвикот и ќе ги повикаат опозициските партии на средба, а поканата официјално ќе ја упатат в понеделник.
„Трите најголеми опозициски партии – СДСМ, Левица и ДУИ, сите се за една изборна единица и иако имаме несогласувања околу прагот, дали треба да го има, колкав праг… Јас мислам дека ракавицата е фрлена. Можеме трите партии да се состанеме и да излеземе со предлог за една изборна единица, па да видиме дали власта навистина сака демократизација и одење кон реформа за една изборна единица или само блефира“,
рече Крмов.
Крмов рече дека не може да прејудицира какво е расположението кај другите опозициски партии и за тоа треба тие да се изјаснат. Повтори дека Левица е за продолжување на процесот.
„Еве, овој грејс-период до 15 јули, ако го пробиеме, нема зошто да не продолжиме да работиме, дали со Министерството за правда со нов министер, дали во Собранието – не е важно. Ова е премногу важна реформа и по првпат, еве, под силен притисок на Левица, имаме придвижување кон консензус за една изборна единица и мислам дека тој моментум не смее да се испушти“,
смета тој.
Инаку, во Собранието пред два дена пропадна уште еден обид политичките партии да се договорат за измени на Изборниот законик. За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
