„Тоа што и СДС на Венко Заев и Левица се против решението македонската дијаспора да добие полесен пристап за остварување на своето уставно загарантирано право на глас, не е случајност. Нивна заедничка цел е да спречат проширување на демократското право на глас за нашите иселеници, како и да создадат нови пречки во изборниот процес“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека има договор меѓу опозициските партии СДСМ и Левица за блокирање на донесувањето нов Изборен законик што, според нив, е очигледно и се потврдува секој ден.
Обвинуваат дека нивна заедничка цел е да спречат проширување на демократското право на глас на дијаспората.
„Меѓу СДС и Левица не може да се најде разлика, тие се едно исто. Настапите им се синхронизирани, ставовите исти. Што денес зборува Венко Заев, тоа утредента го зборува Димитар Апасиев, тоа што го вели и пишува СДС, уште веднаш го повторува политичката партија Левица. Договорот меѓу Левица и СДС за координирано дејствување, кога станува збор за блокирање на новиот Изборен законик, веќе е очигледен и со секој изминат ден се повеќе се потврдува. Не само што нема разлика во нивните ставови, туку напротив, тие им се исти и во голема мера се надополнуваат. Тоа што и СДС на Венко Заев и Левица се против решението македонската дијаспора да добие полесен пристап за остварување на своето уставно загарантирано право на глас, не е случајност. Нивна заедничка цел е да спречат проширување на демократското право на глас за нашите иселеници, како и да создадат нови пречки во изборниот процес“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во партијата сметаат дека ова е однапред договорена стратегија со цел, координираност и целосна синхронизираност на ставовите.
„Тоа што друго граѓаните знаат е дека ВМРО-ДПМНЕ е партија што секогаш ги штити правата на сите македонски граѓани каде и да се и работи во нивен и интерес на државата. Токму затоа и ќе продолжи да се залага Изборниот законик да се донесе со широк политички консензус, ќе работи за спроведување на реформите и за обезбедување можност македонската дијаспора да го оствари своето право на глас на поедноставен можен начин“,
пишува во соопштението од партијата.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвинија дека на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ не им се приоритет изборните реформи, ниту подобрувањето на Изборниот законик, туку создавање услови за изборни манипулации со гласовите од дијаспората.
Инаку, вчера пропадна уште еден обид политичките партии во Собранието да се договорат за измени на Изборниот законик, а најголемиот камен на сопнување стана начинот на гласање во дијаспората.
