Како државни функционери избрани во парламентот, министерката за финанси во заминување и гувернерката на Народна банка би биле обврзани да се појават на седница за пратенички прашања, доколку Џафери го прифати барањето на Апасиев и Крмов
Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, бараат утре да се одржи седница за пратенички прашања на која ќе присуствуваат министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска, за да одговорат за пропаѓањето на Еуростандард банка.
Од Левица информираат дека денеска до претседателот на парламентот Талат Џафери упатиле официјално писмено известување со барање за свикување итна седница за поставување пратенички прашања, која согласно со Деловникот, е предвидено да се одржува секој последен четврток во месецот.
„Бидејќи планираме на оваа седница да го отвориме контроверзното прашање за пропаста на Еуростандард банка – АД Скопје во стечај и за тргувањето со инсајдерски информации од страна на актуелни функционери на штета на граѓаните и јавниот интерес, пратениците на Левица, 24 часа пред седницата, писмено побараа на неа да се обезбеди задолжително присуство на министерката за финансии Нина Ангеловска и на гувернерката на Народната Банка на РМ Анита Ангеловска-Бежовска, согласно чл. 38 од Деловникот“,
велат од Левица.