Европејците ќе најдат „паметни решенија“ кои ќе им овозможат да одат на годишен одмор и покрај пандемијата на коронавирусот, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Мислам дека ќе најдеме паметни решенија за летните одмори. Можеби малку поразлично, со други хигиенски мерки и со малку повеќе физичка дистанца, но ќе биде импресивно да се види дека ќе најдеме решение“,
изјави Фон дер Лајен во интервју за весникот „Експресо“.
Таа оцени дека е добро што земјите од ЕУ почнуваат да ги укинуваат рестриктивните мерки, но предупредува дека владите мора да постапуваат внимателно за да се избегне втор бран на епидемијата.
„Тешко е да се предвиди како ќе биде следниот месец, но гледам дека почнуваме да учиме да живееме со вирусот“,
вели Фон дер Лајен.
Претходно, претседателката на Европската Комисија апелираше граѓаните да се воздржат од правење планови за летни одмори бидејќи, како што рече, никој не може да го процени текот на пандемијата и затоа што се уште не може да се прават никакви прогнози за јули и август.
Во однос на одговорот на ЕУ на пандемијата, Фон дер Лајен признава дека имало критични моменти на почетокот на кризата, но додаде дека по неколку дена земјите сфатиле дека не можат сами да управуваат со неа, по што координацијата се подобрила.