Извршниот одбор на Лекарската комора и Комисијата за етички и правни прашања вчера на вонредна седница расправале за етичкиот аспект на однесувањето на докторите од инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид, кои не овозможиле здравствена заштита на пациентката од село Татеши, Струга, со симптоми на ковид-19, која побарала здравствени услуги.
*Поврзана вест: Почина 66-годишна жена од Струга, четврта жртва од коронавирус во земјава
Во денешното соопштение Лекарската комора го осуди однесувањето на докторите од инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид бидејќи, како што се наведува, во конкретниот случај тие постапиле несоодветно и несовесно со што го нарушиле угледот и достоинството на лекарската професија, како и моралните принципи, чесност и неопходна преданост кон вршење на медицинскиот повик и дисциплина во извршување на лекарската професија.
*Поврзана вест: Семејството на починатата стружанка за Телма: Ни рекоа донесете ја кога ќе има позитивен тест
Согласно етичките принципи, нагласуваат од Лекарската комора, докторот е обврзан да укажува медицинска помош и да ја покаже својата хуманост на секој пациент кој ќе се обрати за лекарска помош до стручни лица.
*Поврзана вест: Јавното обвинителство отвори предмет за случајот со стружанката која почина од коронавирус
Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора согласно законските прописи и подзаконските акти, донесоа одлука со која се осудува постапката на докторите од Инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Охрид за неукажување на медицинска помош на пациент со симптоми на ковид-19 кој се обратил за медицинска помош и покренаа иницијатива за поведување на постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој е независен и надлежен орган на Комората да расправа за одговорноста на докторите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија, се вели во соопштението.
*Поврзана вест: По случајот со смртта на заразената стружанка, нов директор на болницата во Охрид е Горан Балевски
Согласно со современите доктринарни начела за работа во вонредни услови здравствениот персонал особено докторите имаат посебна положба, но и одговорност, посочуваат од Комората и апелираат до докторите на медицина и до сите здравствени работници, да се однесуваат како што доликува на докторската професија професионално, одговорно и разумно.