И вчера имаше дојави за бомби во едно училиште, кои беа испратени на електронските адреси на 14 професори. Минатата недела, пак, три дена по ред стигнуваа закани до училишта. Сите дојави досега беа лажни
Денешните дојави за бомби во училишта во Скопје и во Прилеп се лажни, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР), додавајќи дека доцна попладнево завршиле проверките во објектите.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.02.2023) во 18:30 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје и во Прилеп по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
велат од МВР.
Претходно оттаму информираа дека дојави стигнале во вкупно 16 училишта во двата града, по што објектите беа евакуирани и започнаа антитерористичките проверки.
Ова беше втор ден по ред неделава како пристигнуваат дојави за наводно поставени бомби. Дојави за поставена бомба вчера пристигнаа на електронските адреси на 14 професори во едно скопско средно училиште. По извршените проверки беше констатирано дека станува збор за лажни дојави.
Минатата недела дојави за бомби имаше три дена по ред во основни и средни училишта во главниот град.