Ова е втор ден по ред неделава како пристигаат дојави за наводно поставени бомби. Дојави за поставена бомба вчера пристигнаа на електронските адреси на 14 професори во едно скопско средно училиште
Дојави за поставени експлозивни направи попладнево пристигнале на електронските адреси на вкупно 20 училишта, информираат од Министерството за внатрешни работи.
До 14:40 часот до МВР било пријавено дека на електронските адреси на 16 училишта во Скопје и четири училишта во Прилеп е упатена закана за поставена експлозивна направа.
Објектите на училиштата се евакуирани по добиените пријави и во тек се антитерористички проверки.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“,
се наведува во соопштението од МВР.
Ова е втор ден по ред неделава како пристигаат дојави за наводно поставени бомби. Дојави за поставена бомба вчера пристигнаа на електронските адреси на 14 професори во едно скопско средно училиште. По извршените проверки беше констатирано дека станува збор за лажни дојави.
Минатата недела дојави за бомби имаше три дена по ред во основни и средни училишта во главниот град. Последната, на 9 февруари, пристигна на адреса на 13 основни и шест средни училишта.
Сите дојави досега се покажаа како лажни.