Професорот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој бил дел од тимот што го изготвил вештачењето на барање на Обвинителството на денешното рочиште кажа дека во правилникот за заштита од пожари постои пропис дека во случај кога се поставуваат спуштени тавани, не смее да се користат материјали што имаат праг на горење помал од 30 минути. Полиетиленскиот сунѓер, за жал, рече Марковски, тоа не го исполнува
Одбраната на првообвинетиот во предметот, Дејан Јованов -Деко денеска соопшти дека со оглед дека наскоро му истекува притворот, кој според законот не може да му биде продолжуван и понатаму, тој е подготвен да даде гаранција во имот дека нема да избега
Денеска во судницата во Идризово се одржа ново рочиште од главниот судски процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој лани во март загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На клупата за сведоци повторно седнаа вештаците од Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, кои учестувале во изработката на градежното вештачење за објектот, а на барање на Обвинителството. Тие одговараа на прашања на застапниците на обвинението во врска со градежните зафати и материјалите вградени во објектот, разликите во исполнувањето на минималните технички услови за добивање лиценца меѓу кабаре и ноќен клуб, како и за пријавите и обврските за проверка на овие услови од страна надлежните.

Според професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, кој е дел од тимот вештаци, а во времето кога било направено градежното вештачење бил и декан на факулетот, постојат три надворешни елементи кои директно укажуваат дека била извршена пренамена на објектот.
Тоа, како што кажа, одговарајќи на прашање на Обвинителството, биле надворешните скали, настрешникот над нив и информативната табла над влезот на клубот. Тој даде дополнување во врска со информативната табла.
„Тоа е елемент за кој според Законот за градењето и правилникот е потребно одобрение од Општината за негово поставување. Имајќи го ова предвид, секој што имал надлежност требало да реагира и само врз основа на овие надворешни елемент“,
рече Марковски.
Имало реконструкција објектот
Професорот даде потврден одговор на прашањето дали по сето кажано во вкрстеното испрашување останува на заклучокот дека преземените градежни зафати на објектот во 2012 година претставуваат реконструкција.
Тој додаде дека процесот продолжил и во 2024 година, бидејќи немало правна разрешница на она што било почнато во 2012 година. Рече дека имало и други зафати што биле правени во овој период. Нагласи и дека и самото поставување и отстранување на галериите, претставуваат елемент на реконструкција, затоа што, рече, во Законот за градење е дефинирано дека штом се преземаат активности со кои се влијае на основните барања на градбата, станува збор за реконструкција.
Повикувајќи се фотодокументацијата, професорот Марковски, кажа дека од неа се гледаат прописно поставени броила за електрична енергија и во однос на тоа сметаат дека објектот бил поврзан со електродистрибутивниот систем според важечките закони.
Во однос на сунѓерот и матерјалот што е вграден, вештакот рече дека, она што е најважно, е дека во правилникот за заштита од пожари постои пропис дека во случај кога се поставуваат спуштени тавани, не смее да се користат материјали што имаат праг на горење помал од 30 минути. Полиетиленскиот сунѓер, за жал, рече Марковски, тоа не го исполнува.
„Не се очекува од инвеститор да знае сè за градбата во која е решен да инвестира. Но, тој е должен да побара изработка на проект од стручни лица, кои треба да знаат кои материјали може да се користат во согласност со намената на објектот. За да се контролира знаењето на проектантите, предвидена е законска ревизија на проектот. Во однос на материјалите за градба, постои уште една контрола, се разбира, за оние што одат со постапка во согласност со законот, каде што тие документи одат на проверка во Дирекцијата за заштита и спасување. Потоа, следно е набавката на материјал, каде што мора да се почитува дали тој материјал ќе се вгради и ги исполнува условите, и тоа го потврдува градежниот инженер. Тоа е системот што треба да ни гарантира дека сè што ќе изведеме е во согласност со стандардите и прописите и не треба да се грижиме за безбедноста на оние што ги користат објектите“,
кажа професорот.

Претходно, дел од одбраната побара денешната расправа да се одложи или да не се дозволи сослушување на вештото лице Викторија Димовска, наведувајќи дека во рок од три дена и писмено ќе достават барање за нејзино изземање. По ова судот донесе решение да се прекине распитот на ова вешто лице, а јавните обвинители да продожат со дополнителни директни прашања за другите вешти лица.
Родителите на загинатите реагираат на однесувањето на одбраната на обвинетите
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во „Пулс“, во изјава за медиумите на пауза од рочиште регираа дека одеднаш баналните детали станале поважни од суштината“ и дека ситуацијата дошла дотаму обвинети да си дозволуваат дофрлање кон вештаците токму во моментите кога тие, повикувајќи се на законските обврски и своите стручни наоди, образложуваат кои пропусти ги утврдиле.
„Адвокатите на обвинетите, пак, упорно се фаќаат за прашањата за лиценцата, па иако не сме правници, ќе им поставиме едно едноставно прашање: Пред да прашувате за лиценцата, одговорете на основното – како воопшто било дозволено тој објект 13 години да функционира како дискотека во салон за теписи? Токму тука почнува прашањето за институционалната одговорност – кој имал законска должност да постапи, што бил должен да направи, што направил или не направил и дали тие пропусти придонеле за условите во кои се случи трагедијата. Тука сме затоа што нашите деца не се вратија дома. Не дозволувајте споредното да ја засени одговорноста за смртта на нашите деца. Нашите деца не се спореден детал во овој процес, тие се причината поради која овој процес постои“,
изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова која загина во пожарот и претседател на Здружението „16 Март“.
Прашан за истекот на затворскиот притвор на првообвинетиот Дејан Јованов -Деко и дали стравуваат дека обвинетиот ќе биде обезбеден и ќе доаѓа редовно на судење како досега, Наунов рече оти тие веруваат во Обвинителството и во судот, нагласувајќи дека тие знаат оти сопственикот на „Пулс“ излегува од притвор на 3 октомври.
„Имаме доверба во нив, сметаме дека и до крај треба да имаме доверба во нив бидејќи тие се исто од наша страна. Не смееме постапката да ја одолжиме, како што гледаме. И уште еднаш ќе кажам дека имаме доверба во Обвинителството и во судот и мислам дека нашите деца заслужуваат правдата да изелзе на виделина, бидејќи цело Кочани е завиено во црно“,
изјави Наунов.
Сопственикот на „Пулс“ подготвен да даде гаранција во имот дека нема да бега
Инаку, одбраната на првообвинетиот Јованов денеска соопшти дека со оглед оти наскоро му истекува притворот тој е подготвен да даде гаранција во имот дека нема избега. Неговата бранителка, адвокатката Ивана Коцевска во изјава за медиумите рече оти не знае колкав имот ќе понуди нејзиниот клинент, но, вели дека ваквиот порег е за да се убеди и јавноста и судот дека тој нема избега по излегувањето од притвор.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Судскиот процес, во кој се обвинети 34 лица и три фирми, почна на 19 ноември минатата година и сè уште е во тек
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработиле, заврши изведувањето докази од Обвинителството по што постапката треба да продолжи со изведување на докази на одбраната. треба да почне со изведување докази на одбраната.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
