„Иако беше повторувано дека не е наше да утврдуваме причина за пожар, меѓутоа можам да го споделам мојот личен став во однос на тоа, дека ценевме иницијалниот извор на пожарот се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност. Нешто му помогнало да се прошири и да гори“, кажа вештото лице Маријана Лазаревска одговарајќи на вкрстени прашања на одбраната на обвинетите
Од отворањето, па сè до кобниот пожар во кој лани загинаа 63 лица, а повеќе од беа 200 повредени, во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани не бил извршен инспекциски надзор од инспектор за противпожарна заштита. Ова на денешното рочиште од судскиот процес го кажа вештото лице Викторија Будимовска-Секуловска.

„Колку што ни е нам познато, од 2012 до 2025 година не е извршена инспекциска контрола во дискотеката ‘Пулс’ од страна на инспектор за противпожарна заштита“,
рече таа.
Главната расправа од процесот денеска во судницата во Идризово продолжи со доказна постапка, во која вештите лица одговараа на вкрстени прашања на одбраната на обвинетите. Одговарајќи на едно прашањата, Будимовска-Секуловска кажа дека со вештачењето утврдила дека во внатрешноста на објектот бил истакнат само еден план за евакуација, а главната врата за влез и излез не била според стандардите за противпожарна заштита.
„Сè што спаѓа во противпожарна врата, значи паник-рачка, кочење во системот за кочење во отворена положба и самата огноотпорност на вратата, сетот тоа не е исполнето на таа врата“,
рече таа, пренесе МИА.
На вкрстени прашања прашања на одбраната одговараше и вештото лице Маријана Лазаревска, која во претходен исказ направи детална елаборација на сите изведени зафати во критичниот објект, а како што кажа, во функција на негова пренамена.
„Иако беше повторувано дека не е наше да утврдуваме причина за пожар, меѓутоа можам да го споделам мојот личен став во однос на тоа, дека ценевме иницијалниот извор на пожарот се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност. Нешто му помогнало да се прошири и да гори“,
кажа таа во судницата.
А за тоа што горело од сунѓерот одговор даде професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, исто така во својство на вешто лице.
„Специфично, за овој материјал, конкретно сунѓерот, е што при согорување тој ослободува јаглерод моноксид и цијанид, а знаеме во кои историски моменти се користел цијанид“,
кажа Марковски, пренесе телевизија Телма во извештајот од денешното рочиште.
Инаку, Лазаревска во својот одговор кажа дека иако пожарот е непогода која не може да се предвиди кога ќе се случи, но, како што посочи, при проектирањето на објект, се зема предвид дека во него сигурно ќе се случи пожар.
„Пожарот е непогода којашто не можеме да предвидиме кога ќе се случи, од кои причини ќе се случи, меѓутоа кога се проектира, работиме со третман дека сигурно во објектот ќе има пожар. Не навлегуваме во причината, не можеме да влијаеме на причините, барем не секогаш. Затоа и мојот коментар е во тој контекст – дека ние го проектираме објектот да биде безбеден во услови на пожар, исто како што треба да биде безбеден во услови на земјотрес итн.“,
кажа Лазаревска.
Додаде дека сè што е во нивното вештачење не е базирано на еден изолиран документ, туку на целокупната документација.

По завршување на вкрстеното прашање на вештите лица од Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, судскиот процес треба да продолжи со изведување на доказите на одбраната и нивни сведоци.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
