Шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак изјави дека следните месеци ќе бидат клучни за односите помеѓу Европска Унија и земјите од Западен Балкан, притоа предупредувајќи на ризиците со кои ќе се соочи ЕУ ако не испрати јасен сигнал за регионот.
„Неопходно е да се изнајде нов консензус за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, да се подобри политиката на проширување и да се подготви мајскиот Самит на ЕУ и Западен Балкан“,
изјави Лајчак на Конференцијата за стратегиските предизвици на ЕУ на Западен Балкан 2020 година која се одржува во Берлин.
Тој нагласи дека е најважно да се сфати проширувањето како позитивната агенда, потенцирајќи оти од неодамна има впечаток дека тоа се третира како проблем.
Лајчак истакна дека ЕУ мора да го покаже своето влијание во регионот на Западен Балкан.
„Често се потпираме на стратегијата на комуникациите, но изгледа дека забораваме оти луѓето во регионот на Западен Балкан ги читаат нијансите на сигналите што ги испраќаме“,
посочи Лајчак.
Надеж дека ќе дојде до поместување на состојбата со отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија до Самитот ЕУ вчера изразија и германската канцеларка Ангела Меркел и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по нивната средба во Берлин.
На тема за пристапните преговори пред два дена од центарот во Скопје зборуваше и новиот еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји при неговата прва посета на земјава.
Тој рече дека Европската комисија сака да предложи отворање на пристапните преговори и тоа треба да започне уште пролетва. Притоа, Вархеји зборуваше и дека носењето на закон за јавно обвинителство треба да биде приоритет и дека клучно, исто така, е спроведувањето на договорите со Бугарија и Грција.
*Поврзани вести:
Вархеји: Законот за ЈО е приоритет, клучни се и договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)
Средба Меркел-Пленковиќ: Надеж за поместување за Македонија и Албанија
И Меркел гледа на март како можен датум за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија