Со оглед на тоа што не бевме во можност да дојдеме до договор за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија на претходниот Совет, сега мора да видиме дали можеме нешто да направиме на Европскиот совет во март, изјави вчера германската канцеларка Ангела Меркел по средбата во Берлин со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, чија земја претседава со Советот на ЕУ.
На прес-конференцијата, Меркел беше прашана дали е неопходно двете држави кандидатки во исто време да добијат датум за преговори или може да бидат третирани одделно, со оглед на постигнувањата на Северна Македонија.
„Јас верувам дека Албанија исполни многу од барањата што ги упативме до земјата, особено со процесот на ветинг и обновувањето на судството и сега е време да се отворат пристапните преговори. Во Северна Македонија беше направен неверојатен скок со решавањето на прашањето за името, кое беше причина за блокада. Јас верувам дека Албанија и Северна Македонија припаѓаат на истата група. Во основа, ги имаме Србија и Црна Гора, ги имаме Северна Македонија и Албанија и потоа, секако, Босна и Херцеговина и Косово, кои се во друга ситуација. Така што, мислам дека ако сме фер треба да почне за двете земји, кои потоа, секако, ќе имаат различни патеки бидејќи секој се цени според сопствените постигнувања“, одговори Меркел на прашањето.
Инсистирањето на неколку држави-членки на ЕУ, меѓу кои предничеа Германија и Италија, за одлука за двете држави во пакет, се сметаше за една од причините зошто Северна Македонија не доби „зелено светло“ за почеток на пристапните преговори на октомврискиот Европски совет. Во меѓувреме, во Албанија почна исполнувањето на деветте услови што ги постави Бундестагот за одржување на првата меѓувладина конференција, со што се смета дека Тирана ќе го подобри својот имиџ кај воздржаните држави и може да ја олесни одлуката на членките на ЕУ.
Во функција на одоброволување на скептичните и критичните држави, Европската комисија следниот месец планира да излезе со скратени извештаи за реформскиот напредок во Албанија и во Северна Македонија во последните неколку месеци. Претходно, Комисијата најави и објавување на нова предлог-методологија за водење на процесот што, пак, е главно барање на Франција за да се согласи со одлука за отворање преговори со Скопје и Тирана.
поврзана вест *Вархеји: Законот за ЈО е приоритет, клучни се и договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)