Германската канцеларка Ангела Меркел и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се надеваат дека ќе дојде со поместување во отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија до Самитот ЕУ – Западен Балкан во мај во Загреб.
Меркел и Пленковиќ ги дадоа изјавите по денешната средба во Берлин.
“Самитот за Западан Балкан во Загреб е многу важна работа поради проблемот со почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија. Се надеваме дека на состанокот ќе постигнеме поместување на тој план”, рече Меркел.
Оптимист е и Пленковиќ.
“Овој самит ќе даде реална перспектива во односите на ЕУ со земјите во соседството за да знаат овие држави со каква динамика би се движеле кон членство”, изјави Пленковиќ по разговорите со германската канцеларка.
Вчера еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во Скопје рече дека очекува одлука за преговори пред Самитот во Загреб, алудирајќи на Европскиот совет на крајот на март.