Говорејќи на министерскиот состанок што денеска се одржа во Брдо, Словенија, министерот за одбрана на земјава посочил дека низ годините регионот се трансформирал од увозник во извозник на мир, стабилност и безбедност
Македонската Армија не само што е гарант на мирот и безбедноста на земјата, туку и активно придонесува за зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност, рекол министерот за одбрана Владо Мисајловски во Брдо, Словенија, кој беше домаќин на состанокот на министрите за одбрана од земјите на Централноевропската одбранбена соработка и Западен Балкан.

Посочувајќи дека Министерството за одбрана силно инвестира во развојот на капацитетите на Армијата, Мисајловски се осврнал на процентот од буџетот што се издвојува за потребите на одбраната и Армијата, како и на изградбата на коридорите 8 и 10, со што земјава ги исполнува во целост своите обврски кон НАТО-алијансата, пренесе МИА, повикувајќи се на соопштение од Министерството за одбрана.
„Со инвестиција од 2 проценти во одбранбениот буџет и силните инвестиции во воената мобилност преку изградбата на коридорите 8 и 10, земјата не само што ги исполнува во целост своите обврски кон заедничката алијанса, туку и на терен ги зацврстува безбедноста и стабилноста на поширокиот регион“,
рекол Мисајловски додавајќи дека воената мобилност е еден од клучните фактори што ја овозможуваат европската и евроатлантската безбедност.
Говорејќи во контекст на европската поддршка, министерот за одбрана го споменал четвртиот европски пакет, кој првпат вклучува активности за развој на инфраструктурата на армискиот полигон „Криволак“, кој, како што рекол министерот, е исклучително важен ресурс за обука на македонската Армија, и на припадниците на вооружените сили на сојузничките и партнерските земји.
Во своето обраќање Мисајловски се осврнал и на потребата од континуирано зацврстување на регионалната безбедност, при што нагласил дека стабилен Балкан значи и стабилна Европа. Притоа, тој ги посочил мисиите на НАТО – КФОР во Косово и на ЕУ – „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, во чии рамки придонесуваат и македонските војници. Според министерот за одбрана, со текот на годините регионот се трансформира од увозник во извозник на мир, стабилност и безбедност.
„Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во одбранбените иницијативи на Европската Унија дополнително ќе ги зајакне регионалната стабилност и севкупната безбедност на Европа“,
рекол Мисајловски во контекст на одбранбената соработка во Централна Европа и Западен Балкан.
Во тој контекст, Мисајловски додала дека земјата поддржува поголема вклученост на балканските партнери во релевантните одбранбени иницијативи и инструменти на Европската Унија.

Инаку, министерот Мисајловски денеска учествуваше и на средбата во формат на земји учеснички во Балканските медицински наменски сили (БМНС), каде што говореше за успешноста на оваа иницијатива, но и за потребата од носење одлуки со кои ќе се зголеми видливоста на овие регионални сили.
„Земјите членки на Балканските медицински наменски сили влегуваат во период во кој се потребни конкретни чекори за преземање поголема одговорност. Безбедносните случувања влијаат врз приоритетите на партнерите на БМНС, при што фокусот сè повеќе се насочува кон други региони. Токму затоа сега е потребно заеднички да покажеме и јасно да изразиме силна волја, посветеност и визија за понатамошниот развој на БМНС“,
рече Мисајловски.
Тој потврди дека нашата земја ја поддржува идејата за разгледување на можностите БМНС да даде свој придонес и надвор од Балканскиот Регион за што ќе бидат потребни позитивен пристап, заедничка волја и посветеност од сите земји членки.
„Македонија како постојано седиште на Командата и водечка нација на БМНС во период 2026- 2028 година има јасна визија. Ние ја поддржуваме идејата за разгледување на можностите БМНС да даде свој придонес и надвор од балканскиот регион, за што ќе бидат потребни заедничка волја и посветеност од сите земји членки“,
напиша ресорниот министер во објава на неговиот официјален фејсбук-профил.
