„Кога во одредено училиште ќе се пријават поголем број ученици од предвиденото, каков што е случајот со гимназијата ‘Георги Димитров‘ во Скопје, на пример, предвидени се 40 и се пријавени 70 ученици, а сите се со одличен успех, тогаш нема друг начин освен да се спроведен квалификациски испит“, рече министерката за образование
Квалификациското тестирање што вчера се изврши во неколку средни училишта е по закон и е предвидено со конкурсот за упис на ученици во средното образование. Ова денеска го рече министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за реакциите на родители дека во одредени средни училишта во Скопје се спроведени вонредни тестирања за прием на ученици во прва година бидејќи се пријавиле повеќе кандидати отколку што има слободни места, а сите имаат еднаков успех од завршеното основно образование.

„Кога во одредено училиште ќе се пријават поголем број на ученици од предвиденото, каков што е случајот со гимназијата ‘Георги Димитров‘ во Скопје, на пример, предвидени се 40, а се пријавени 70 ученици и сите се со одличен успех, тогаш нема друг начин освен да се спроведен квалификациски испит“,
кажа таа.
Според неа, и родителите и учениците треба да се информирани за она што е предвидено со Конкурсот за упис во средното образование, односно за квалификациското тестирање што се применува кога има повеќе заинтересирани кандидати отколку што има слободни места, а сите имаат еднаков успех за завршено основно образование.
„Во тој случај, мора да има реално рангирање на знаењето. Тие што ќе имаат знаење, ќе бидат запишани, тие што ќе бидат со помалку бодови имаат шанса на второто пријавување на 30 јуни да се запишат во средно училиште таму каде што ќе има слободни места“,
вели Јаневска на панел-дискусијата по повод една година од мандатот на Владата.
Во оваа насока, рече дека оценувањето е сериозен проблем во државата, а често наставниците трпат притисок од родителите за децата да им бидат целосно одлични, што води кон неквалитет во образованието и тоа мора да се промени.
Посочи дека една од алатките што ќе биде вметната во новиот закон е наставничкиот совет во училиштата да нема надлежност за поправање оценки.
За квалификациското тестирање во гимназијата „Георги Димитров“ рече дека поминало во најдобар ред и нема пријава, ниту жалба.
„Сите пристапиле на испитот. Немало никакви проблеми и немаше пријава или жалба за спроведувањето. Вчера во рок беа објавени и резултатите од тестирањето“,
кажа министерката.
Ученици со просек 5,0 се пријавиле за упис во училиштата „Георги Димитров“ (гимназиско образование), „Д-р Панче Караѓозов“ (медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик), како и во училиштето „Гостивар“ во Гостивар (медицинска сестра на албански наставен јазик) вчера полагаа квалификациско тестирање. Селекцијата се прави бидејќи за конкретните образовни профили се пријавиле повеќе ученици со просек 5,0 споредено со бројот на слободни места во тие училишта.