„Десет од 38 општини на Косово имаат српско мнозинство, 17 отсто од советниците во локалните парламенти во сите општини се Срби. Ние добро соработуваме и тие имаат Министерство за заедници. Сакаме интеграција на Србите во Косово. Сакаме да работиме со заедниците за да создадеме демократска република заснована на правата на граѓаните“, вели косовскиот премиер
Проблемот не е во народот на северниот сосед, туку во владата на Србија. Ние воопшто немаме проблем со косовските Срби кои се интегрирани на Косово.
Ова го изјави косовскиот премиер Албин Курти на Самитот Западен Балкан 2024, кој се одржува во Приштина по повод 25-годишнината од крајот на војната во Косово, посочувајќи дека немаат проблем со Србите кои живеат во северните општини, туку со официјален Белград, кој, како што посочи, во минатото не се оградил од Милошевиќ, ниту од Путин денес.

Според него, Косово им нуди права на тамошните Срби, овозможувајќи им нивна целосна интеграција во земјата.
„Десет од 38 општини на Косово имаат српско мнозинство, 17 отсто од советниците во локалните парламенти во сите општини се Срби. Ние добро соработуваме и тие имаат Министерство за заедници. Сакаме интеграција на Србите во Косово. Сакаме да работиме со заедниците за да создадеме демократска република заснована на правата на граѓаните“,
вели Курти.
Тој додаде дека Косово нема проблем со Србите во Србија, туку со владата на Србија.
Неговата оценка на денешниот самит е дека Косово води меѓу земјите од Западен Балкан, како што рече, во однос на економскиот развој и владеењето на правото, посочувајќи и дека последните години зајакнало во многу области.
„Косово води по економски раст и владеење на правото на Западен Балкан. Се очекува да има зголемување на инвестициите. Косово има многу да ѝ понуди на Европската Унија во однос на безбедноста и партнерството, преку зајакнување на демократијата, економскиот развој. Може да создаде регион кој е развиен и цвета“,
рече тој.
Главниот предизвик за земјите од Западен Балкан е да ги надминат историските предрасуди, но, како што рече, тие земји докажале дека можат да постигнат помирување и дијалог.
„Заедниците во Косово се здружуваат за да изградат подобра иднина и овој дух на соработка ќе продолжи да се развива. Косово е позициониран кон иден развој“,
вели Курти.
Пред две недели Курти изјави дека Европската Унија и САД се премногу меки и попустливи кон Србија, додавајќи дека Србија треба да застане на страната на Западот против Москва за да му даде гаранција на Косово дека е посветена на нормализација на односите.
Според него, и по 25 години од завршувањето на војната во Косово, официјален Белград продолжува да ги негира злосторствата што ги има извршено врз невини Албанци, како и дека владата на Косово никогаш нема да престане да бара расвелтување на вистината и правда за воените злосторства што ги има извршено Србија во војната.